23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Шекеринска: Евроатлантскиот курс останува непроменет, нема дилеми дека тоа ќе го потврдат и граѓаните

Членството во најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата значи дека влегуваме во еден систем на колективна безбедност, дека каков било напад на државата, значи напад на сите останати 29 земји-членки, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на синоќешната панел дискусија во Куманово посветена на придобивките од членството во НАТО.

„Освен политички знак, членството во Алијансата е и знак за позитивните економски трендови – во годината во која што ја добивме НАТО поканата, ние имавме четири пати повеќе странски инвестиции од претходната година, односно повеќе од вкупните инвестиции во 2012, 2013 и 2014 година“, рече Шекеринска.

Министерката додаде дека на земјава наскоро и претстојат одлуки кои ќе покажат дека граѓаните немаат дилема околу нашата евроатлантска ориентација.

Посочи дека реформите во одбранбениот сектор се реализираат и за членството во НАТО, но и за нашата држава, нашата Армија, нашите војници и дека наскоро ќе бидат објавени серија мерки кои значително ќе го подобрат стандардот на припадниците на Армијата и статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст.

Во однос на ратификацијата на пристапниот протокол, министерката рече дека во случајот со нашата држава, тој се движи исклучително брзо – досега парламентите на 25 земји-членки го завршиле процесот, додека пак фактот што ратификациите од нашите соседи биле особено брзи, како што рече таа, покажува дека Балканот се менува и дека земјите научиле од своето лошо искуство низ историјата.