Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Знае ли Макрон?

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Макрон кажа дека нема одговор пред своите сограѓани кога ќе им каже дека се согласил двете земји, Северна Македонија и Албанија, да ги започнат преговорите. Дека и двете земји имаат низа проблеми, а особено Албанија, од која доаѓаат баратели на азил во бројка што ги става на второ место во неговата земја. Нема сомнение, тоа е точно. Сигурно ни самиот Макрон не знае толку добро со какви сѐ проблеми се соочуваат владите, институциите, граѓанките и граѓаните на овие две земји.

Има право Макрон кога вели дека мораме да работиме повеќе во многу сектори. Па, тоа уште погласно и подиректно ни го кажуваат и други големи демократски земји, како што е Германија, на пример. И ни помагаат, со сериозни финансии и експертизи, да ги надминеме последиците од 11-годишното дивеење на режимот на Фамилијата. И им благодариме за тоа. Прашање е колкава поддршка ние добивме од земјата чиј претседател е Емануел Макрон.

Во право е Макрон и кога вели дека процесот на зачленување во ЕУ треба да се подобри и да стане „реверзибилен“, да може да се враќа процесот и да се проверуваат постигнатите резултати во реформите. Па, тоа е одлична идеја! Со тоа може само да ни помогне и нам, на граѓанките и граѓаните, со тоа што владата и институциите ќе бидат постојано на штрек и ќе бидат поодговорни кон одржувањето на ветувањата, а реформите ќе ги направат трајни, а не козметички!

За повеќето нешта што ги кажа Макрон има право и ја има поддршката токму од граѓанките и граѓаните на храбрата и издржлива Северна Македонија. Верувам дека владее исто или слично чувство и во Албанија. Тоа што е бизарно, да се послужам со негов израз, е тоа што не е доволно убедлив неговиот аргумент дека не треба да се почне со преговорите сега, пред да се ревидираат процедурите. Тие процедури може да се подобрат и во наредниот месец или пред да почнат преговорите (во јануари). Тие се внатре, можат да ги сменат правилата кога сакаат, ние сме пред врата, квалификувани сме и повеќе од некои земји што подолго време се дел од ЕУ, не можеме да ги спречиме во менувањето на своите критериуми и постапки.

Емануел Макрон, воена парада, Париз, 14 јули 2019
Макрон е соочен со апсолутно мнозинство од лидери и влади кои нѐ поддржаа и ни кажаа добредојде во процесот. Не сме ние причината за неговото противење, туку амбициите да се зајакне позицијата на Франција во ЕУ, а по заминувањето на Ангела Меркел, новиот европски лидер да биде токму тој, Емануел Макрон.

Сепак, францускиот претседател, би требало да знае дека неговите сограѓани нема ни да забележат дека ЕУ започнала преговори со две мали земји од кои едната е прашање дали има два милиони, а другата три милиони жители.

И Макрон сигурно добро знае дека недобивањето датум за Северна Македонија, а веројатно и за Албанија ќе значи политичка криза, а сосема можно и економска, па и безбедносна. Тој сигурно знае дека „жолтите елеци“ не се занимаваа(т) со прашањето на две трошни земји во големото 500+ милионско семејство (за еден процент од населението на ЕУ се работи). Не сакам да одам подалеку и да го потсетувам на измени во француското законодавство со кои директно се кршат човековите права, на ужасните услови во бегалските кампови, на полициските пречекорувања на овластувањата…

Францускиот Број Еден знае и дека законот за ЈО не е направен и изгласан поради политичките структури што се во спрега со организираниот криминал во нашата земја. И судските реформи ги кочат истите тие на кои тој со своето противење им дава крилја. Тие, пак, одработуваат за супер сили што не ѝ мислат ништо добро на Европа која тој сака да ја води. Деликатна, да не речам бизарна е неговата позиција – може многу поголеми штети да ѝ направи токму на Европа и Франција, отколку што претпоставува. Не се сомневам дека и тоа го знае. Значи, не се Северна Македонија и Албанија во прашање. Друго е. Редно е да се биде европски искрен и чесен.

извор: Frontline.mk