Македонските аеродроми, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со 17,8% пораст на бројот на патници во август 2019 годин,а се меѓу најбрзорастечките аеродроми на светско ниво, како и во групата на држави кои не се дел од ЕУ, објави Меѓународниот совет на аеродроми-Европа (ACI Europe) во нивниот најнов извештај за аеродромскиот сообраќај.
„Аеродромите во Украина (+25,1%), Северна Македонија (+17,8%), Албанија (+13%), Босна и Херцеговина (+12,1%) и Србија (+12%), се водечките пазари во групата земји кои не се дел од ЕУ, според порастот на патничкиот сообраќај – соопштија од ACI Europe.
Според анализата на оваа реномирана организација, скопскиот аеродром со 11,1% пораст на патничкиот сообраќај е меѓу најбрзорастечките поголеми аеродроми во главни градови на земјите кои не се дел од ЕУ, а имаат највисоко зголемување на бројот на патници во август 2019 година, и е во друштво на: Бориспил во Киев (+24,2%), Анталија (+15,3%), Тирана (+13%), Сараево (+12,2%) и Шереметјево во Москва (10,6%).
Од друга страна, охридскиот аеродром, со 60,9% пораст во патничкиот сообраќај во август 2019 година, е еден од најбрзорастечките аеродроми во групата на мали аеродроми со под 5 милиони патници годишно, веднаш после Ниш (61,1%), а потоа следат Турку (60,3%), Харков (+38%), Задар (29,6%), и Мемингерберг (+25,8%), наведуваат од ACI.
Исто така, охридскиот аеродром, е еден од 20-те аеродроми во светот со највисок пораст во патничкиот сообраќај во август 2019 година, разгледуван во 4-та група на ACI каде што се следните аеродроми: Таргу Мурес (168,9%), Таранто (163,6%), Фогиа (105%), Ниш (61,1%) и Охрид (60,9%).
„Извештајот за сообраќај на Меѓународниот совет на аеродроми-Европа уште еднаш ги рангира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во својата категорија и во групата на држави кои не се дел од ЕУ. Ова ја покажува постојаната напорна работа и заложбите на ТАВ Македонија и на ТАВ Аеродроми кон развој на мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и во Охрид, привлекувањето нови авиокомпании и промовирањето на Македонија како туристичка дестинација. Ќе продолжиме да го подобруваме и усовршуваме квалитетот на нашите услуги и да одржуваме задоволството на патниците на високо ниво“ изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Според статистиките за воздушен сообраќај на холдингот ТАВ Аеродроми, двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, ги завршија првите 9 месеци од 2019 година со преку 2 милиона патници (2.052.829) и 13% пораст на бројот на патници на годишно ниво, додека за истиот период (јануари – септември) бројот на летови бележи пораст од 10%, односно достигна 16.895 летови.
Според податоците за сообраќајот на патници, најфреквентни дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје во првите 9 месеци се Истанбул (двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) со 9,9% пазарен удел, Цирих (6,3%), Виена (5,8%), Базел (5,3%), Малме (4,1%). Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците во периодот јануари – септември 2019 година, со 62,2% пазарен удел, а потоа следат Turkish Airlines (7,0%), Austrian Airlines (5,8%), Germania Flug (4,0%), Pegasus Airlines (4,0%), Croatia Airlines (3,1%).