Го поддржувам пристапот на Македонија и на Албанија во Европската Унија, изјави поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, за БГНЕС. Тој се спротивставил на постапките на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој, како што објави агенцијата, се обидува да го блокира почетокот на преговорите за членство на двете држави во Унијата.
„Отсекогаш сум бил против тоа кога земјите членки на ЕУ, во случајот Франција, ги блокираа проширувањето на ЕУ и проектите од заеднички интерес од внатрешнополитички причини. Сите ние знаеме колку е важно Македонија и Албанија сега да добијат покана. Во време кога има многу силен геополитички судир на Балканот, ЕУ мора да ги покаже својата сила и моќ“, коментира Плевнелиев.
Тој потсетува дека Бугарија исто така била жртва на таквата политика, но од страна на Холандија.
Плевнелиев ја повика Франција да не подлегнува на домашните битки и да го разгледа заедничкиот, а не личниот интерес./Makfax