Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска на Текстилијада во Штип, учествуваше на панел дискусија – Синдикално здружување во минатото и сега.
Низ дебата со преставниците на синдикалните организации од земјава и Шведска, преставниците на Организацијата на работодавачи, и други страни истакна дека во Северна Македонија почнува да се создава вистински социјален дијалог од кој можеме да очекуваме прогрес во делот на политиките за трудот кој ќе биде добар за сите.
„Ако во минатото синдикалните организации беа само фигура и не носеа одлуки, туку за нив тоа го правеше државата, сега имаме процес во којшто работите се променети. Синдикатите коишто се гласот на работниците се вклучени во создавањето на сите закони кои ги засегаат работниците и за истите се води здрав дијалог. Во овој дијалог се вклучени и работодавачите и државните институции и експертите, и ова навистина ме радува. На ваков начин во завршна фаза сме на креирање на целосно нов закон за работни односи и Владата нема да го усвои се дододека не се постигне договор за отворените прашања којшто ќе биде во интерес на сите“, рече Царовска.
Министерката потенцираше дека преку дијалог со работниците оштетени во процесот на транзицијата коишто со години талкаа по улиците барајќи ја правдата, се постигна денеска да имаме 11.000 стечајци кои се материјално обезбедени со месечен надомест до нивно пензионирање. Со новиот закон којшто неодамна го усвои владата нивната бројка ќе се зголеми на 12.000.
„Во преговори сме и за зголемување на минималната плата и тоа наскоро ќе се случи. Барањето произлезе од синдикатите, и низ конструктивен разговор со работодавачите можам да кажам дека сме блиску до договор“, рече Царовска.
Царовска рече дека исто така во широка консултација со бизнисот и сите засегнати страни се креира новиот Оперативен план за активни мерки за вработување за 2020 година. На ист начин беше направен и годинешниот за којшто се предвидени над 1,1 милијарда денари и се очекува висока реализација од над 95 %.
Годинешната третата „Текстилијада“ во Штип која што се одржува од 11 до 13 октомври е посветена на „Позитивни примери од регионот – синдикати, организации и институции здружени за подобри работнички права”.
Настанот има за цел преку културата и уметноста да ја отвори темата на локално и национално ниво, за склучување на партнерства за започнување на социјален дијалог за горливите теми кои не засегаат сите, најмногу младите и работниците. Настаните од социјален и уметнички карактер имаат за цел да поттикнат млади и работници да се вклучат во процесите на одлучување. Настанот е поддржан од Олоф Палме Центар и Шведската Влада, Фондација Отворено општество – Македонија и Општина Штип.