23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Порака од востанички Прилеп во чест на 11 Октомври: Северна Македонија почива на темелите на слободата, да ја однесеме таму каде што припаѓа – во европското семејство

Со положување свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто, на Кузман Јосифоски – Питу, на споменикот „Жена борец“ и во Алејата на народните херои, во Прилеп се одржаа свеченостите по повод 11 октомври – Денот на народното востание.

Завршната содржина од свеченостите во Прилеп се одржа во спомен паркот Могила на непобедените каде што свои обраќања имаа градоначалник на Општина Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на општинската организација на Сојузот на борците, Круме Соколовски и министерот за транспорт и врски во Владата на Република Северна Македонија, Горан Сугарески.

Честитајќи го големиот празник, министерот Сугарески истакна дека собрани во спомен паркот Могила на непобедените им упатуваме достојна почит на сите борци кои станаа пример како се сака и брани татковината и кои направија нашата држава да биде вековита и запаметена засекогаш во историјата.

„Слава им на сите херои што го дадоа животот за земјата и кои овозможија денеска да го живееме сонот на нашите предци, но истовремено сме исправени пред нов предизвик. Денеска ја градиме Европска Македонија која почива на темелите на слободата, демократијата и човековите права. Покажавме и докажавме како се сака државата, како се работи за нејзиниот развој и просперитет, за доброто на сите граѓани. Ни претстои период во кој сите заедно мора да се избориме и да ги изодиме клучните чекори за нашата европска интеграција. Друга опција немаме“, истакна во своето обраќање министерот Сугарески и додаде дека процесите што се започнати гарантираат сигурност, стабилност и здрава економија.

„Токму тоа не охрабрува да продолжиме со нашата визија, земјата да ја однесеме таму каде што припаѓа, во европското семејство. Имаме историска одговорност да ги подигнеме сите капацитети на оваа држава, да докажеме пред меѓународната јавност, но и секако дома, дека сме кадарни, дека имаме огромна волја и дека можеме земјата да ја однесеме на вистинскиот пат. А вистинскиот пат е обединетост, заедништво и подобро утре за сите наши граѓани која ќе заврши со полноправно членство во ЕУ и НАТО“, нагласи Сугарески.

Претседателот на општинската организација на Сојузот на борците, Круме Соколовски, во своето обраќање на спомен паркот Могила на непобедените во Прилеп, по повод државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание, рече дека тој доаѓа од партизанско семејство од кое петмина членови ги дадоа своите животи за слободна и демократска Македонија.

„Добро е што на овој собир којшто би го нарекол најимпозантен и најмасовен до сега, учествуваат и многу млади и ученици. Само најхрабрите скоевци и комунисти го дадоа својот живот за слободна држава“, истакна претседателот на општинската организација на Сојузот на борците, Круме Соколовски.

Во своето обраќање во спомен паркот Могила на непобедените, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, потсети дека храбрите борци на Прилeпскиот одред отворија нова страница во историјата на македонскиот народ, го испишаа овој датум, и Прилеп, градот – херој, во историјата на македонската државност.

„Го исполнуваме заветот на нашите предци продолжуваме да ја градиме нашата Македонија како безбедна, развиена и просперитетна држава. Сигурно чекориме на патот на евро-атлантските интеграции. Со успешно завршување на преговорите ја остваруваме стратешката цел – да бидеме полноправна членка на НАТО Алијансата. Ги поставивме темелите на безбедна, стабилна и сигурна држава. На патот на ЕУ ќе не води секоја успешна реформа, европски спроведен закон, секоја инвестиција и нови работни места, еднаквост, толеранција, дијалог, заеднички успех и достигнување“, нагласи градоначалник на Општина Прилеп, Илија Јованоски на свеченостите во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

DCIM100MEDIADJI_0016.JPG