Загадувањето на воздухот нема граници – потребни се итни и координирани активности од сите земји во регионот зголемување на институционалната соработка помеѓу државите од регионот, создавање кспертски акционен тим и пронаоѓање самоодржливи системи за финансирање на овие активности за решавање на проблемите со лошиот квалитет на воздух што го дишат граѓаните на земјите од Западен Балкан.
Ова се само некои од клучните точки кои се дискутираа на регионалната конференција за аерозагадување која се одржуваше минатата недела во Скопје. На конференцијата беа присутни преставници на институции и граѓански организации од целиот регион кои заедно низ дискусија и тематски работилници се обидуваа да пронајдат решенија за овој горлив проблем.
„Аерозагадувањето е проблем кој нè засега сите. И сите заедно мора напорно да работиме за да го решиме. Ако тоа значи децентрализација на производството на електрична енергија и промена на нашите работни и животни навики и практики – тогаш тоа треба да направиме“, рече Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест“.
Присутните ги лоцираа термоелектраните на јаглен како сериозен загадувач на воздухот во сите земји на Балканот, но и на останатиот дел од европскиот континент. Беше дискутирана потребата за формирање регионално тело на министри кои ќе се фокусираат на долгорочно справување со аерозагадувањето и ублажување на климатските промени.
„Граници не постојат кога станува збор за аерозагадување. Потребно е време и мотивација да се реши проблемот ама резултатите по здравјето ќе бидат видливи веднаш, а тоа е огромна придобивка за државите“, изјави Влатка Матковиќ-Пујиќ од Алијансата за здравје и животна средина-HEAL.
Претставниците на граѓанските организации од регионот ја препознаваат потребата од засилување на регионалната борба со аерозагадувањето. Според нив, потребни се конкретни мерки и иновативни решенија кои би можеле да се применат во сите земји од регионот и кои ќе им помогнат на носителите на одлуки во долгорочното решавање на проблемот со аерозагадување.
„Аерозагадувањето треба да биде приоритет за владите во регионот“- додаде Саскиа Хајинен од Clean Air Fund.
На прагот на грејната сезона нашата земја бележи низок степен на спроведување мерки за аерозагадување. Потребно е повеќе и побрзо. Законска забрана за загревање на домовите со јаглен, зачестени инспекциски надзор и казни за индустриските капацитети и редуцирање на сообраќајот и градежните активности во периоди со високо аерозагадување се само некои од мерките кои треба да се применат веднаш, се дел од заклучоците од конференцијата./Makfax