Претседателот Стево Пендаровски денеска говореше на научно стручната расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната – Република Северна Македонија по членството во НАТО“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, а во соработка со кабинетот на претседателот. Во своето обраќање претседателот Пендаровски рече дека е изненаден што еден претседател на нашата држава за првпат доаѓа во една ваква значајна институција, не само сега, туку воопшто, децении наназад.
„Јас се надевам дека до крајот на мојот мандат, а и моите наследници ќе доаѓаат почесто во оваа институција, затоа што оттука со години и децении излегуваат кадри кои на друго место не се образуваат“, истакна Пендаровски.
Говорејќи за безбедносните предизвици од 21 век, тој истакна дека најдобриот начин за соочување со нив е соработката со вакви квалификувани луѓе кои тоа го разбираат. Претседателот нагласи дека е недозволиво за 42 години првпат да влегува претседател на држава во една ваква институција.
Без сомнение, клучниот стратешки пробив кој Северна Македонија го направи во однос на сопствената безбедност е поканата за членство во НАТО која ја добивме во јули 2018 година. Тоа беше историски исчекор и пресврт кој нас како држава конечно нè позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш.
Влезот во НАТО значи дека ќе седнеме на иста маса и ќе добиеме еднаков глас со останатите земји членки. Но, тоа значи и дека 29 постојни земји членки ќе имаат обврска колективно да се грижат и да ја штитат и нашата безбедност, а знаеме дека безбедноста е основниот темел за демократска консолидација и економски просперитет на секоја држава.
Една од нашите цели е да ги реализираме приоритетните реформи предвидени во стратешкиот одбранбен преглед кој треба да овозможи да имаме армија која е подготвена и компатибилна со структурите на НАТО.
Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер-нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни, се присутни и нема наскоро да исчезнат. Најдобриот начин за справување со современите безбедносни закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на алијансата да се соочуваме со нив, заклучи Пендаровски./Makfax