22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Имаме политички противници кои се борат со сè, само не со принципи и вредности

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на Регионалната политичка академија за млади, во соработка со институтот „Конрад Аденауер“ и центарот „Вилфред Мартенс“.

„Живееме во ера во која нашите политички противници се борат со нас во рамките на политичката арена со сè, само не со принципи и вредности, и верувам дека ова е еден од најсериозните политички предизвици со кои се соочува нашето политичко семејство, ЕПП. Ние сме силни кога станува збор за здрава економска и социјална политика, ние сме силни кога станува збор исполнување на ветеното. За жал, ова не е начинот на којшто нашите политички противници гледаат на конвенционално политичко дејствување“, порача Мицкоски во своето обраќање.

Во однос на политичката ситуација во земјава, лидерот на опозициската партија кажа дека власта не го почитува владеењето на правото.

„Изминативе три години нашата нација ја води социјалдемократската влада, која беше вмешана во голем број случаи на широко распространета масова корупција преку непочитување на владеењето на правото, ги зголемија даноците за секоја категорија граѓани, е неспособна да реализира капитални инвестиции и не донесе ниту една опиплива реформа во која било област клучна за европската интеграција. Тие се фалат секојдневно за тоа колку се транспарентни. Ќе се согласам, дека не сум видел потранспарентно корумпирана влада на кое било место во светот. Тие не ја негираат корупцијата, туку се надеваат дека ќе добијат уште некој ден мандат за да продолжат со истото“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека Македонија нема друга опција освен да го обнови својот економски, правен, социјален и политички систем.

„Мора да го европеизираме нашето општество однатре – ова е единствениот начин да ја поставиме нашата нација на брз пат кон членството во ЕУ. Немаме друга опција освен да градиме и негуваме култура на доверба меѓу политичарите, релевантните чинители и граѓаните што ќе ја отстранат стигмата дека сите политичари се корумпирани крадци. Поради ова се опкружив со најдобрите и најпаметните. Способни индивидуи со професионални искуство од сите различни сфери на животот, кои имаат задача да ја променат оваа негативна стигма за политиката и политичарите“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека донесувањето промени и напредок не е лесна задача, но, како што кажа, ништо што вреди да се постигне во животот не е лесно.