24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

В недела Skopje Run 10K, пријавени се 1.900 учесници

Трката Skopje Run 10K ќе се одржи в недела, на 6 октомври, а пријавени се 1.900 учесници. Во нејзин склоп се трката од 10 километри и штафетната трка од 5 километри х 2 кои ќе започнат во 09 часот од пред фонтана Лотус во Градски парк во Скопје.

Трката е организирана од Сојуз на спортови на Скопје, Атлетска федерација и Атлетски клуб Работнички кои велат дека се целосно подготвени за одличната атмосфера која ѝ претстои на Скопје.

„Ако во минатото беше реткост да се трча, денес, е сосема нормално, а спортувањето станува култура на живеење во нашата држава, особено во нашиот град. Трката на 10 километри има рекреативен, но и натпреварувачки карактер и дава јасна порака до сите граѓани за потребата од физичка активност“, истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон, информира дека оваа година околу 1.900 учесници се пријавија да излезат на бул. Илинден и дека има учесници од Кенија.

Skopje Run 10K оваа година се одржува по трет пат.

Подигнувањето на стартните пакети е на 4 и 5 октомври во кугланата во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. На 4 октомври (петок) подигањето на стартните пакети ќе биде од 12 до 18 часот, а на 5 октомври (сабота) од 10 до 18 часот. Потребно е да се приложи документ за идентификација при подигање на стартниот пакет.

Сите кои што сакаат да помогнат и во акцијата #ЗасадиВоздух може да купат dry-fit маица за времето на подигнување на пакетите и од неа да донираат 100 денари за засадување на дрвја во Скопје. Акцијата е организирана заедно со Град Скопје./Makfax