23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на Заев со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства

Премиерот Зоран Заев имаше средба со Ламберто Заниер, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. На средбата се поздравени обединувачките политики на Владата и определбата за изградба Едно општество за сите, што се реализира и на дело преку изготвувањето сеопфатна Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, којшто е во тек.

,,Поздравен е и духот на интеграција што се манифестира низ создавањето еднакви можности за партиципација на сите заедници во општеството, преку еднакви права и должности во државава. Премиерот Заев рече дека е важна поддршката од ОБСЕ, посебно бидејќи Владата е определена кон усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните организации како што е ОБСЕ, поради што заедно со организацијата се организира и денешната интернационална конференција во Скопје „Кон Концептот за едно општество и интеркултурализам“, соопшти Владата.

,,Низ политиките на едно општество за сите, почитувањето на правата на различните етнички заедници и групи, определноста за еднакви права за сите граѓани независно од различностите, ние како држава станавме пример на соживот во овој мултиетнички Балкан и ќе продолжиме да вложуваме во политиките што соединуваат и зближуваат, што се и базичните вредности на Европа, кон којашто се стремиме”, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека Република Северна Македонија воспостави добри односи и со соседните држави, со коишто се поврзани дел од заедниците во нашата држава и дека тоа дополнително придонесува за стабилноста во државата.На средбата е заеднички констатирано дека стабилноста и безбедноста во државата се придонес и во подигнувањето на квалитетот на живот за сите граѓани, со оглед дека ваквата клима создава услови за инвестиции, развој на економијата, а со тоа напредок во образованието и во другите области од значење за секојдневниот живот на сите граѓани./Makfax