10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Спасовски: Заштитата на критичната инфраструктура приоритет за динамично интегрирање во евроатлантските структури

Заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше обраќање на конференцијата „Критична инфраструктура – Концепт и безбедносни предизвици“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт. Министерот Спасовски, осврнувајќи се на темата на конференцијата, ја нагласи поврзаноста на критичната инфраструктура со безбедноста, како нејзин делокруг на работа.

„Ако ја земеме предвид општата дефиниција за критична инфраструктура, без оглед што таа во различни држави различно може да биде систематизирана, под критична инфраструктура се подразбира сè она што е од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество. Следствено на тоа, а во контекст на нашите општествени приоритети за динамично интегрирање во евроатлантските структури, јасно е зошто започнавме еден процес на законско и институционално регулирање на овој сегмент од безбедноста. Тоа подразбира проценка, анализирање, дефинирање и заштита на критичната инфраструктура“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.

Според него, кон ова прашање кое е од примарно значење мора да се пристапи стручно, професионално и стратешки долгорочно, затоа што овој сегмент е основата на функционирање на државата, системот и нејзините институции, колку поради веќе стандардизираните и нормирани западноевропски модели на заштита на критичната инфраструктура, толку и поради постоечките регионални и меѓународни безбедносни трендови.

„Притоа, како земја кандидат за членка во ЕУ и земја скорешен иден полноправен член на НАТО алијансата, ние веќе имаме одредени законски репери како, на кој начин и во каква мерка треба да се одвива институционалната заштита на критичната инфраструктура. Имено, тука пред сè мислам на хармонизирање на националното законодавство со европските норми во сегментот на критичната инфраструктура, секако почитувајќи ги притоа нашите автономни политики и нашите принципи за безбедносна политика, како неделив сегмент од остварувањето на националните интереси на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи, поздравувајќи ја организацијата на конференцијата посветена на критичната инфратструктура, која привлече импозантен меѓународен академски состав, го изрази своето уверување дека од неа ќе произлеат предлози и идеи, кои преку соработка на државните институции со академската и експертската јавност, ќе резултираат со изработување на стратешка рамка и регулатива со која ќе се даде законскиот основ за заштитата на критичната инфраструктура.

Спонзорирано: