22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Изјава на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ

Изјава на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ/ Интегрално:

Почитувани претставници на медиумите,

На мое големо задоволство денеска му посакав срдечно добредојде на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, што воедно претставува и прва посета на странски претседател на нашата земја во мојот мандат.

Оттука, посебно ми причинува задоволство што ја имам честа да бидам домаќин на претседател на една наша блиска и пријателска држава, како што е Црна Гора.

На денешните средби констатиравме дека односите меѓу Северна Македонија и Црна Гора продолжуваат да се развиваат во духот на пријателството и соработката, без отворени спорни прашања. Со мојот пријател Мило се согласивме дека двете земји негуваат одлични политички односи и споделуваат исти надворешно-политички приоритети и цели.

Разговараме и за регионалната соработка, којашто колку што содржи предизвици, нуди и шанса и надеж за натамошно подобрување на односите меѓу нашите две држави. Како две земји кои се активно вклучени во регионалните односи, во насока на подобрување на стабилноста, пријателството и меѓусебното разбирање, ги разгледавме и другите прашања од регионот во контекст на евро-атлантските интеграции.

Нашите две држави ги поврзува заедничкото минато, но уште повеќе заедничката иднина – водењето на нашите држави на патот кон мирот и просперитетот кон обединета Европа.

Како земја особено ја цениме јасната и недвосмислена поддршка од Црна Гора во остварувањето на нашите врвни стратешки цели – членството во НАТО и во ЕУ. Сакам посебно тука да нагласам дека Црна Гора е меѓу првите земји којашто го ратификуваше пристапниот протокол за нашето членство во Алијансата.

Добив уверување од претседателот Ѓукановиќ дека поддршката од Црна Гора ќе продолжи и во иднина, а заеднички констатиравме дека е неопходно Европската унија да го препознае моментот и Северна Македонија овој месец конечно да добие датум за отпочнување на претпристапните преговори.

Се согласивме дека нема поголема движечка и трансформативна сила во нашите општества од евро-интегративните процеси, кои не упатуваат на соработка и градење на општества со највисоки европски стандарди и принципи. Во оваа насока, Северна Македонија и Црна Гора соработуваат и преку понудената помош во техничко-оперативните и методолошките аспекти на водење на процесот на ЕУ приклучувањето, во кои Црна Гора е во многу понапредна фаза од нас.

Пример за одлично воспоставените односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора е соработката во областа на одбраната. Имено, питомци од Црна Гора се школуваат на нашата Воена Академија, додека наш интерес е нашите пилоти да се обучуваат на курсот за наставници за летање во Црна Гора.

Можам слободно за заклучам дека Северна Македонија и Црна Гора се цврсто определени за целосно европско и евроатлантско интегрирање, за исполнување на агендата на Берлинскиот процес и на другите формати на регионална соработка.

Интеграциите, стабилноста, добрите односи меѓу двете држави на различни нивоа, ги гледаме како неопходни услови и за економскиот развој на нашите држави и за подобрувањето на животниот стандард на нашите граѓани. Во интерес на граѓаните треба да вложиме напори за унапредување на меѓусебната економска соработка, каде што постои многу поголем потенцијал за далеку подобар резултат од досегашниот.

На крајот, уште еднаш сакам да потенцирам дека Северна Македонија и Црна Гора се две пријателски и блиски земји кои имаат меѓусебно разбирање, кои се конструктивни и активни во регионалната соработка и верувам дека во интерес на двата народа, односите меѓу нашите две земји уште повеќе ќе зајакнуваат.

Ви благодарам, рече Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски

Заедничка прес-конференција на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, со претседателот на Црна Гора, https://youtu.be/jMZotEV9r0U