Премиерот, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Пека Хависто, министер за надворешни работи на Финска.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата била изразена силна поддршка за проширувањето на ЕУ, како и силна поддршка од Финска, којашто претседава со Советот на ЕУ, за позитивна одлука во октомври на Самитот на ЕУ, од каде земјава очекува датум за почеток на преговорите.
На состанокот бил констатиран прогрес во областа на владеењето на правото во нашата земја и била изразена поддршка тој процес да продолжи.
„Денешната средба е историска бидејќи се случува во моменти кога Финска претседава со Советот на ЕУ, а Република Северна Македонија, за 15-тина дена, очекува од Советот на ЕУ силна и јасна позитивна одлука за почеток на преговорите со Европската унија. Ги направивме важните реформи низ консензус со опозицијата, ги решивме билатералните прашања со соседите преку редок пример на договор и политики на дијалог и решенија, цврсто сме определени кон почитувањето на европските вредности“, истакна македонскиот премиер.
На средбата било нагласено дека Финска иако не е земја членка на НАТО, сепак таа тесно соработува со Алијансата, за која се очекува да придонесе во безбедноста и стабилноста на државава.