23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Светски позната уметница Тања Бругуера ќе одржи предавање во Музејот на современата уметност

Утревечер, со почеток во 19 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, предавање ќе одржи Тања Бругуера, една од најзначајните и најангажираните уметници во светот денес, која се занимава со инсталација и перформанс и чии дела често пати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила.

„Политичко времено специфично“ е насловот на предавањето што ќе го одржи светски позната уметница и е термин – кованица на Тања Бругуера, обмислен со цел да се дефинира вид уметност, која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.

Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што се уште не е случено и она што допрва треба да се случи.

Таа има учествувано на култната изложба „Документа 11“ во Касел, Германија, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана.

Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт Модерн“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА, Музејот на современа уметност во Њујорк…

Бругуера неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти и кубанци.

Родена е во 1968 година во Хавана, Куба.