Во Ликовниот салон во Велес вчера беше промовирана книгата „Мостови на пријателство 3“ од група автори на македонски и босански јазик во издание на Диван, кој заедно со Клубот на писатели Рацин беа организатори на промоцијата. Промотори на збирката поезија беа писателите Шефкија Боранчиќ, Игор Крајчев и Авдулах Рамчиловиќ, а модератор Лили Арсова.
Промоцијата од името на Собранието ја отвори пратеникот Зеќир Рамчиловиќ. „Пораките на разбирање, љубов, мир, слога, почитување се пораки на писателите застапени во збирката поезија ‘Мостови на пријателство 3’, но и универзални пораки со кои можеме да градиме подобра иднина. Нека ни е среќен, вечен и вековит Денот на Бошњаците и заедно со сите граѓани на Македонија и регионот да одиме напред, како што кажав, градејќи подобра иднина, која е можна само доколку искрено градиме мостови на пријателство, како тоа што вие го правите почитувани писатели“, рече тој.
Љубителите на поезијата уживаа во стиховите кои беа прочитани од страна на 24 автори. Промоцијата е дел од одбележувањето на 28 Септември – Денот на Бошњаците.