13.3 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Седница на Советот на Народна банка: Економската активност расте во првата половина од годинава

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која ги разгледа најновите макроекономски показатели и на која било утврдено информациите упатуваат на здрави економски фундаменти и отсуство на нерамнотежи во економијата.

„Според најновите показатели за економската активност, таа расте во првата половина на оваа година, при годишен раст на БДП од 3,6%. Новите расположливи податоци за третото тримесечје посочуваат на натамошен раст. Инфлацијата и понатаму е во зоната на умерени промени, при просечен годишен раст на цените од 1,1% во првите осум месеци од 2019 година, што е нешто помалку од очекувањата. Во дискусијата повторно беше нагласено дека неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму е главниот ризик за динамиката на инфлацијата“, се вели во соопштението од Народна банка.

На седницата, посебен фокус бил ставен на надворешната позиција, којашто била оцената како поволна.

„Нискиот дефицит во тековната сметка и финансиските приливи овозможуваат постојан откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка и раст на девизните резерви. Во однос на движењата во монетарниот сектор беше одбележано дека растот на вкупните депозити и вкупните кредити е непрекинат и главно е во рамки на очекувањата“, соопшти Народната банка.

Внимание им било посветено и на последните оцени за глобалните економски текови, коишто упатуваат на понеповолни изгледи за глобалната економија. Од Народна банка наведуваат дека натамошната ескалација на трговската војна помеѓу САД и Кина и натаму претставува главен ризик за глобалниот економски раст.

„Останатите ризици се однесуваат на можното поголемо забавување на растот на системски значајните економии како што се Кина и еврозоната, исклучително високата неизвесност во врска со спроведувањето на процесот брегзит, ризиците поврзани со зголемената финансиска ранливост на одредени брзорастечки економии, сè поголемите дезинфлациски притисоци, како и зголемените геополитички ризици во глобални рамки“, се вели во соопштението.