Министерството за информатичко општество и администрација, организираше втора јавна расправа за измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници. На денешната јавна расправа беше презентирана моменталната состојба, предизвиците при имплементација на овие два закони, како и предлози за аспектите во коишто тие можат да се подобрат.
Како што истакна министерот Манчевски, целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба, и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.
„Основни цели на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор се подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, проширување на работните места во јавниот сектор, дефинирање на постапки за вработување, унапредување, дисциплинска одговорност и управување со ефект, ревизија на опфатот на законот, нов концепт за донесување на годишниот план за вработување, односно секторски и индивидуални планови за вработување, дорегулирање на постапките на мобилност и разграничување на надзорот над одредбите од овој закон“, информираше министерот Манчевски.
Зборувајќи за придобивките од измените во Законот за административни службеници, тој се осврна на унапредувањето на моделот на вработување и управување со учинокот темелени врз компетенции, воведување на пробната работа, поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, дополнително мотивирање на вработените кои работат на реформските приоритети и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.
Конкретните измени во двата закони, ги презентираше Билјана Николовска Жагар, државен советник за јавна администрација во МИОА.
„Она што е суштинска измена, а што беше предмет на критика е доразработка на условите за распоредување. Ние имавме распоредувања, вработувања на определено, но ги немавме утврдено сите оние правила или основи кои се појавија во пракса, како на пример распоредување по барање на вработениот, кое често може да се случи, поради здравствени причини или е пред крај на работниот век, па не може да се носи со предизвиците на конкретното работно место. Ја исклучивме можноста за злоупотреба на вработувања преку агенции за вработување кои се привремени и на определено и особено ја одбегнавме можноста на определено време да бидат ангажирани лица кои одлучуваат во управна постапка за барања за остварување на некои свои права“, потенцираше Николовска Жагар.
На јавната расправа се обрати и директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, кој зборуваше за измените кои ќе се рефлектираат врз работата на Агенцијата.
Тој се осврна на Академијата за обука и развој на администрација која ќе биде орган во состав на МИОА, орган кој е неопходен, а до сега беше решен само на ниво на Сектор во МИОА, но тоа решение не се покажа како најсоодветно и очекуваме Академија да нуди стручното усовршување на повисоко ниво на административни службеници.
„Квантитативна, меѓутоа и квалитативна промена односно предлог за измени и дополнувања, имаме во делот на постапката за вработување на административни службеници. Тука би спомнал три сегменти: испит за административен службеник, Комисијата за спроведување на постапките за вработување и условите за вработување. Кај условите за вработување би спомнал дека како услови ги тргаме лекарското уверение, уверението за државјанство и потврдата за познавање компјутерски програми за канцелариско работење. Лекарското го тргаме од причина што ги изедначуваме правата на кандидатите за вработување воопшто, како што е регулирано со Законот за работни односи. Уверението за државјанство нема потреба да се прикачува бидејќи сега со процесот на дигитализација институцијата ќе си го влече сама од системот“, рече Глигоров.
Големиот број на присутни на дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки согласно направени истражувања придонесоа кон дискусијата, од што понатаму ќе се финализираат законските измени.