Претседателката на Комисијата Биљана Ивановска на денешната седница на ДКСК рече дека сегашните простории на поранешниот претседател се избрани во една нетранспарентна постапка и се најмени од блиско лице.
Месечно според Ивановска за сите трошоци се плаќаат околу 4,500 евра, без платите на вработените.
Ивановска рече дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие, како што кажа таа, дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат.
Антикорупциската комисија ќе побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост.
Според пресметките на Антикорупциска, за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени еден милион деведесет илјади и 580 евра.
Од тие причини ДКСК исто така предлага да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решени во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели.
ДКСК денеска расправа и за други прашања.