Три дена поминаа откако среде Битола во присуство на началникот на СВР Битола беше пукано од пиштол, реакција од МВР нема, а за постапка воопшто не станува збор, обвини Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ликот што сите го видовме има крими-досие? Дали се точни шпекулациите дека полицијата има оперативни информации за негова инволвираност во бизнисот со наркотици? Дали тој е близок со функционерите на Спасовски во битолската полиција и преку нив си ја купува поддршката“, праша тој.
Ѓорѓиевски рече дека според тоа што било објавено во медиумите, тој што пукал имал и кривична пријава за проневера на 400.000 евра од Комерцијална банка – Битола и дека бил главен дилер на дрога во регионот за што е приведен пред два месеца, но повторно е на слобода.
„Како е можно вакво лице да поседува огнено оружје? Дали оружјето е со дозвола? Доколку е така, зошто не му е одземено, доколку не е, зошто досега не е поведена кривична постапка за нелегално поседување огнено оружје, за што е предвидена санкција казна затвор во времетраење од 3 до 10 години во согласност со член 396, став 1 од Кривичниот законик“, праша тој.
Ѓорѓиевски рече и дека поранешниот претседател на бордот на директори на ЈПССДП од СДСМ, Џевад Исени, носел пиштол на појасот и се фалел со тоа, но не добил пријава.
„Пукањето во присуство на полициски началник е уште една потврда дека криминалците се ставени под закрила на власта. Полицијата на Спасовски не ги гони, напротив, таа ги штити. Извршено е кривично дело, загрозена е безбедноста на присутните и нарушен е јавниот ред и мир и на сето ова не реагира началникот на СВР Битола, човекот што треба да гони секаков вид криминал, и тоа не само во Битола туку и во целиот регион. Доколку ова се случува во негово присуство пред толпа луѓе, тогаш што е дозволено да прават криминалните структури кога нема поголем број присутни? Дали ваквите структури се чувствуваат комотно пред началникот за да го кршат законот? Дали присуството на началникот е охрабрување за криминалците и нивен дополнителен мотив? Хаосот и криминалот што се случува со помош на власта е доказ дека СДСМ мора да си замине. Потребни се итни предвремени парламентарни избори“, истакна тој.