На плоштадот во Автокоманда, во организација на КЦ 750, на 1 септември, ќе биде отворена изложбата на дигитални колажи на Марија Смилевска. Изложбата ќе биде отворена до 5 септември, секој ден од 19-22 часот.
Преку мистериозните фигуративни форми позиционирани во имагинарни амбиенти, дигиталните колажи на Марија Смилевска го повикуваат гледачот да комуницира со внатрешниот свет на осамените личности.
Марија Смилевска е родена 1980 година во Скопје. Во 2007 година ѝ се остварил сонот и дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Сега работи како графички дизајнер, слика и прави дигитални колажи-илустрации.
Досега имала три самостојни изложби во Скопје, а нејзини дела биле застапени на повеќе групни изложби, едно биенале, мултимедијални перформанси, истражувачки проекти и интервенции во јавен простор, во Скопје, Кавадарци, но и во Берлин и на островот Корчула во Хрватска.
КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.