Градежната комора на Македонија го поддржува проектoт „Купи куќа, купи стан“ од самиот почеток на неговата промоција и смета дека со новите услови дополнително ќе се влијае на стимулирање на продажба на нови станови за млади луѓе.
Дополнително, се поддржува порастот на градежниот сектор во делот високоградба преку градење нови станбени единици, задржување на постојните и генерирање нови вработувања, а сето тоа ќе влијае врз пораст на целокупната економија, беше истакнато на денешната прес-конференција во Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, истакна дека со овој проект бенифити имаат и компаниите преку зголемената продажба на изградени висококвалитетни и енергетски ефикасни станови, младите луѓе што со многу поволни услови ќе може да дојдат до нов стан, локалните самоуправи, но и централната власт.
„Градежната комора на Македонија, која е единствената комора што го обединува градежниот сектор, го поддржува проектот ‘Купи куќа, купи стан’ бидејќи тој е во заеднички интерес на сите, а пред сè на граѓаните кои полесно ќе се одлучат да инвестираат во својата иднина и да останат да живеат и работат во Македонија. Покрај тоа, овој проект ќе придонесе и за развој на руралните општини, каде што цената за изградба на објекти во високоградба за квадратен метар е значително пониска во однос на централното градско подрачје. Тоа ќе придонесе и за развој на другите стопански гранки во нашата земја, како и со директни инвестиции за развој на општините“, истакна Јаќимовски.
Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. Од таму велат дека за неполни три месеци по стапувањето во сила на новите услови, интересот кај граѓаните е голем, а причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.