21. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИНТЕРВЈУИЗБОР

ИНТЕРВЈУ со Мариела Клековска, претседател на Студентскта конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Интервју со Мариела Клековска, претседател на Студентскта конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Повторно студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој.

1. Накратко, што претставува СКЕЕОР

СКЕЕОР претставува студентска конференција на тема ,,Енергетска ефикасност и одржлив развој”. Основната идеја на конференцијата е размена на идеи и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании со што би се направил чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржлив развој.

Конференцијата опфаќа широки и актуелни области на истражување како да се користат обновливите извори на енергија, како и можностите за нивна поширока имплементација во секојдневието. Подеднакво внимание се дава и на зголемување на енергетската  ефикасност и одржливиот развој во сите сегменти во општеството.

Иницијативата за организирање на овој тип произлезе од самите студенти уште пред околу 8 години. Учесници се дипломци и постдипломци при Факултетот за електротехника и информациски технологии- ФЕИТ, но и од другите факултети при УКИМ и странски универзитети.

Оваа година СКЕЕОР ќе се одржи по седми пат, во просториите на ИНОФЕИТ во периодот 29.10 – 01.11. 2019, под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје (ФЕИТ).

Пријавувањето се врши преку веб страната на конференцијата кадешто се поставени темите на предметен фокус на конференцијата, како и упатство и насоки за пишување на трудовите. Рокот за пријавување е до 01.09.2019.

Следува интервју со претседастелот на СКЕЕОР 2019- Мариела Клековска, која ќе ни открие поголем број на детали за овогодинешната конференција.

 

2. СКЕЕОР 2018 помина во одлично светло и постави уште повисоки стандарди за конференцијата. Кои се очекувањата од овогодинешниот СКЕЕОР?

СКЕЕОР, од година в година, се развива во сè посериозна студентска конференција. Ланскиот успех се должи на напорна работа на претходниот извршен одбор, на професорите и асистентите кои постојано помагаат во остварување на целите и на нашите студенти – учесници.

Од голема важност за минатогодинешното издание е продлабочената соработка со компаниите од стопанството, кои преку пленарни предавања ги пренесоа стекнатите искуства и новити во работењето. Воедно позитивен импакт врз заинтересираноста на студентите имаше и хакатанот на кој учесниците имаа можност да ги дискутираат своите трудови со  експерти од бизнис секторот во државата.

Годинава повикот за трудови сè уште не е затворен,  но  и досега имаме пријавено учесници од ФЕИТ, Архитектонски факултет, како и наши колеги од Колумбија, Португалија, Србија и Словенија. Повторно очекуваме да има околу 50 пријавени и презентирани трудови, а на нашите учесници годинава ќе им понудиме нови можности за сопствен развој.

 

3. Спомнавте нови можности за учесниците. Дали се однесува на нови активности во рамки на конференцијата?

Годинава сакавме да овозможиме сите наши учесници да се запознаат со експерти од повеќе различни, успешни, македонски компании со кои би можеле да дискутираат за своите трудови, но и да се стремат да решат одреден проблем. Воведуваме два новитета, работа во склоп на конференцијата според методот World Cafе и  за прв пат, ќе им дадеме директна можност на студентите да се вклучат во бизнис акцелераторот на УКИМ.

Методот за настанот кој ќе го користиме наликува на World Cafe, според кој има една главна проблематика и сите учесници ќе бидат поделени во 5 тима, колку што е и бројот на области на конференцијата. Секој тим ќе има поставено некој подпроблем кој ќе биде составен дел од главната проблематика.

Во однос на соработката со бизнис акцелераторот на УКИМ, преку процес на селекција, дел од учесниците ќе имаат можност да ги развијат своите истражувачки трудови во реални бизнис идеи.

 

4. Дел од успехот на ланската конференција беше и пленарното предавање на странските професори Абрахам Крибус и Јаир Енгел. Дали и оваа година може да се очекува некој странски предавач?

Претходната година за посетителите особено интересни се покажаа предавањата на израелските професори Абрахам Крибус и Јаир Енгел и затоа годинава настојувавме повторно да имаме експерти и научници од странство. Со помош на асистентите и професорите успеавме да се договориме со еден реномиран професор од Хрватска, а со уште двајца сме во преговори.

На овој начин на студентите доаѓаат во контакт со реалните истражувања во науката, како и со реалните предизвици и проблеми со кои се соочуваат инженерите во индустријатаа. За да дознаете повеќе следете нè на социјалните мрежи Facebook и Instagram.

 

5. Очекувано е најголем број од пријавените студенти да се од ФЕИТ, но од кои сè други факултети во Северна Македонија може да се пријават?

Имајќи предвид дека СКЕЕОР покрива широк опсег на области, веруваме дека студентите и од техничките и од општествените факултети ќе се пријават. Со таа цел уште повеќе се стремиме кон зближување и соединување на факултетите, односно создавање тим чија мултидисциплинарност ќе дозволи разгледување на различни проблеми од сите аспекти. Енергетската ефикасност и одржливиот развој се области каде од особено значење е вклучување на различни професии: електроинженери, машински инженери, архитекти, економисти, правници и така натаму. Знаејќи дека Македонија, а особено Скопје се повеќе е загадено, а недостигот од електрична енергија која се произведува кај нас е поизразен, правилното искористување на ресурсите за создавање електрична енергија и нејзиното разумно искористување се неопходни. За успешно справување со проблеми од ваков тип, особено што на нас, младите останува да ги решиме, неопходно е здружување кое треба да започне од студентите од повеќе различни струки.  За таа цел ги повикуваме студентите од сите факултети и катедри како од УКИМ, така и од другите универзитети. Повикот е отворен за сите и би претставувало особено задоволство доколку ни се придружат и студенти кои не се запишани на ФЕИТ.