23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев и Бектешки за ревизијата на СТО: Констатиран е огромен економски напредок

Констатиран е огромен економски напредок на крајот на 2018 година, позитивниот извештај покажува дека владините политики даваат резултати, оценија премиерот Зоран Заев и министерот за економија, Крешник Бектеши, кои денеска одржаа прес-конференција на која презентираа дел од заклучоците на најновиот извештај на Светската трговска организација (СТО).

Премиерот Заев во своето обраќање подвлече дека следејќи ги фактите кои покажуваат раст во речиси сите позначајни економски области, нашата држава го избра добриот пат и економијата го следи тој пат.

„Светската трговска организација вели дека бруто-домашниот производ (БДП) во периодот на ревизија по глава на жител порасна за повеќе од 40 проценти, а невработеноста се намалила од 31 процент на 18,7 проценти во 2018 година споредбено со 2013 година. Светската трговска организација констатира дека дефицитот во тековната сметка се намали од 240 милиони евра (3,2 проценти од БДП) во 2012 година на 31,9 милиони евра (0,3 проценти од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите“, информираше премиерот Заев.

Тој, исто така, додаде дека во ревизијата на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милиони евра во 2012 година на 621,9 милиони евра во 2018 година, што, како што истакна премиерот Заев, значи дека директните странски инвестиции во бруто-домашниот производ во 2012 година учествувале со 1,5 проценти, а во 2018 година со 5,8 проценти.

Во оваа насока, подвлече премиерот Заев, се и заклучоците на СТО за интелектуалната сопственост, според кои Северна Македонија има напредок од 25 места погоре на Глобалниот иновациски индекс за 2019 година, односно сега нашата земја е на 59. место, во однос на 84. од минатата година.

Премиерот Заев се осврна и на наследената состојба во 2017 година, кога, како што оцени, Владата наследи економска и финансиска катастрофална состојба, а по добивањето на мандатот, посветувајќи се на низа инфраструктурни проекти, раст на индустријата проследен со раст на просечната нето-плата и намалување на невработеноста од речиси 5 проценти.

Министерот за економија ,Крешник Бектеши, во своето обраќање оцени дека Извештајот на СТО потврдува дека креираните и имплементираните политики на Владата даваат резултати и економијата се движи во вистинскиот правец, додавајќи дека веќе се преземаат и мерки за препораките кои биле посочени.

„Во Извештајот за трговската ревизија на Северна Македонија децидно е наведено дека земјата и економски истовремено и политички е стабилна, што е основа за одржлив раст и е наведено дека законите, Законот за енергетика, Законот за поддршка на инвестициите, Законот за акциза и слично, веќе почнале да ги даваат своите резултати и ние се движиме по таа насока“, рече министерот Бектеши, заблагодарувајќи се на сите институции кои беа вклучени во презентирањето на сите мерки што ги презела Владата од 2017 до денес, уште еднаш подвлекувајќи дека ревизијата на трговската и економската политика е најважен извештај на СТО каде се оценуваат вкупната економска и трговската политика и инвестиции, но и показателите за учеството на економските политики во економскиот раст.