20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Зависниците од наркотици ќе можат да примаат терапија и во Аеродром, Ченто и Психијатриската болница

Зависниците од наркотици ќе можат да примаат терапија и во поликлините во Аеродром, Ченто и Психијатриската болница. Досега околу 520 пациенти примаа терапија во центарот во Кисела Вода и ГОБ „8 Септември“, а тенденција на Министерството за здравство е дисперзијата да продолжи и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека целта на дисперзијата е за МЗ да покаже дека секој има право на пристап до здравствена заштита и има право на добивање квалитетна здравствена заштита.

„Пациентите ќе ја примаат потребната терапија во центрите, пред медицинскиот персонал, така што на овој начин се елиминира можноста за евентуално препродавање на терапијата“, посочи министерот, потенцирајќи дека за дисперзијата е постигнат консензус со здруженијата од оваа област.

Министерот нагласи дека овие пациенти не треба да се гетоизираат и стигматизираат.

„Тие се наши соседи, пријатели, сограѓани, на кои треба да им овозможиме пристап до потребната терапија“, нагласи министерот Филипче и додаде дека следи подготвителен процес за обезбедување нови кадровски решенија, односно дека е планирано вработување на дополнителни 20 психијатри кои ќе бидат вклучени во овие пунктови.

Филипче најави дека следи набавка на сефови за чување на терапијата, а паралелно ќе се работи со населението во насока на разбивање на стигмата кон овие пациенти и начинот на кој се лекуваат.

„Решаваме проблем кој постои повеќе од 20 години“, истакна министерот, уште еднаш потенцирајќи дека нема потреба од загриженост на граѓаните кои живеат во овие реони, бидејќи давањето терапија на овие лица ќе се одвива во строго контролирани услови, во присуство на медицинскиот персонал, а воедно значително ќе се намали и бројот на корисници на терапија кои гравитираат кон еден центар.

Во развивање на овој модел, кој подразбира дисперзија на капацитетите од Кисела Вода на други 4 локации, ќе бидат вклучени здруженијата од оваа област, пациентите, нивните семејства, Министерството за внатрешни работи, здравствените работници, општините и други чинители.