24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сугарески-Китанов: Во моментот работиме на над 300 киломтери патна мрежа

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета на општина Ранковце истакна дека патната и железничката инфраструктурата и изградбата на гасификацијата се приоритет број еден на Владата. Тоа го потврдува, вели Сугарески, и фактот што инвестираме преку милијарда евра во изградба на патишта, железница и гасоводот, истакна тој.

Тој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, и градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка.

„Денеска сме присутни да извршиме увид во реконструкција на овој патен правец Ранковце -Крива Паланка, кој е многу значаен за целиот овој регион. Инвестицијата е 2,6 милиона евра. Овде минува европскиот Коридор 8, за нас стратешки патен правец кој дополнително ќе нè поврзе со соседите и ќе ни овозможи економски развој на земјата, а особено развој на економијата на овој регион. Она што е многу важно е дека максимално се работи на капиталните инвестиции насекаде во државата. Генерално, имаме над 34 проценти реализација во патиштата, над 48 отсто во гасоводот, во делот на комуналната сфера исто така има силен интензитет на реализација, така што реално очекувам во третиот и четвртиот кваратл да имаме силен скок на капиталните инвестиции“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека во моментот се работи на над 300 километри патна мрежа, а до крајот на годината ќе се завршат над 550 километри патна мрежа.

„Овој пат планираме да го завршиме и пред роковите, односно до крајот на годината. Исто така, ќе го реконструираме и од правец од Куманово до Ранковце во должина до 30 километри. Првите 15 километри ќе се реализираат со средства од ИПА, за другите 15 километри ќе има тендер во август и со изградба ќе почнеме во септември. Со тоа целосно ќе го обновиме Коридорот 8. Сакам да нагласам дека во овој регион се работи на речиси 120 киломтери патишта“, изјави Зоран Китанов, директорт на ЈП за државни патишта.

Според градоначалникот Тошевски, реконструкцијата на овој регионален пат е од особено значење, особено за регионалното поврзување со Бугарија.