Секогаш во средиштето на збиднувањата...

ЗНМ: Случајот со 1ТВ е последен аларм за итни медиумски реформи

Последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ, отвора сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци, соопшти Здружението на новинари. Овој развој на настаните поврзани со 1ТВ, според ЗНМ, претставуваат и удар врз репутацијата на професионалното новинарство, а доколку нема соодветна правна разрешница може да предизвика и намалување на довербата кон новинарите и медиумите во целост.

„ЗНМ изразува загриженост и за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во оваа телевизија кои поради овој скандал може да останат на улица. Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор. Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото“ порача ЗНМ.

Оттаму ги повикуваат Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите важни за нашата медиумска сфера.

„Потенцираме и потсетуваме дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на ААВМУ . Тоа беа предуслови што треба да водат кон конечно креирање на амбиент во кој приватните медиуми, како и јавниот сервис ќе можат да функционираат независно, во интерес на јавноста“ се додава во соопштението.

Ја повикаа и АВМУ да спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Побараа од Основното јавно обвинителство во Скопје како и од надлежните институции со брза и ефикасна истрага да придонесат да се оттргне сомнежот во јавноста дека институциите делуваат селективно и не работат во интерес на граѓаните. Брза правна разрешница на случајот ќе биде многу значајна и за иднината на вработените новинари и медиумски работници во 1ТВ, заклучува ЗНМ.