23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Свечено отворен „Х фактор акцелераторот“ во Велес – Владата на Република Северна Македонија и ФИТР со 450 илјади евра ќе поддржуваат стартап компании од Вардарскиот плански регион

Од компаниите е потребна инвентивност, сопствено вложување и преземање разумни ризици, а Владата е партнер и обезбедува финансиска поддршка за стартап компаниите, порача Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, д-р Кочо Анѓушев на денешното свечено отворањето на „Х Фактор акцелератор“ во Велес. Пред претставниците на управниот одбор на акцелераторот, локалната самоуправа, академската заедница и пред претставници на дваесетина стартап компании, вицепремиерот потенцираше дека највредните компании денес се оние што се најстабилни и најинвентивни.

„Се е возможно и се може да се постигне. Треба да се знае која е целта, што не е лесно, но точно акцелераторот треба да ви помогне да ја постигнете целта, бидејќи вие веќе ја имате идејата и капацитетите за технички да ја развиете. Но, потребно е и добро да се менаџира, а во акцелераторот покрај финансиската поддршка, што ја нуди владата преку своите програми, се обезбедува и експертско знаење и правилно насочување. Акцелераторот ќе ви овозможи и обука, насоки и вредно знаење за тоа како се менаџира, како да процените ризик и да преземете разумни ризици. Со влегување во акцелераторот, компаниите, односно менаџерите се во контакт со компетентни луѓе коишто имаат искуство и коишто ќе ги водат и насочуваат за понатамошниот развој, соодветна менторска поддршка, со цел да се зајакнат капацитетите на претприемачите за успешно да ги реализираат своите идеи“, порача вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, посочи дека ФИТР и Владата на Северна Македонија ќе продолжат со ваквите програми за поддршка бидејќи веќе се гледаат првите резултати. Анализата на ФИТР покажува дека компаниите кои вложуваат во иновации имаат позабрзан раст и на приходите и на добивката, а само на проектите финансирани од ФИТР има ангажирано околу 1000 лица, со просечни плати од 40.000 денари, што е 70% над просекот.

“Поддршката на ФИТР за стартап компаниите, особено за младите луѓе продолжува. Целта ни е да ги приближиме нашите програми и инструменти до младите од Вардарскиот регион и да ги поттикнеме да развиваат иновативни идеи кои ќе ги преточат во сопствен бизнис. Овој акцелератор е само еден од елементите со кој го збогатуваме еко-системот чија цел е зајакнување на домашните претприемачи преку соодветна менторска поддршка. ФИТР во изминатите две години покрена инвестициски циклус од 40 милиони евра во приватниот сектор и веќе стигнавме до 250 корисници на финансиски средства. Убеден сум дека и од овие идеи на компаниите кои ги видовме денес ќе произлезе иден милионер,” изјави Деспотовски.

„Х фактор акцелераторот“ е прв од овој вид кој се отвора во Вардарскиот плански регион со поддршка на Владата и ФИТР, еден од трите акцелератори кои се селектирани на Јавниот повик за финансирање на предлог проекти преку инструментот за поддршка–кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно-технолошки акцелератори.

„Многу не радува што оваа идејата се реализира во Велес што кажува дека Владата размислува за рамномерен регионален развој и го поттикнува. Ние како општина во рамките на нашите можности ќе помагаме за успех на овие стопанственици затоа што тоа ќе значи успех и за градот, поврз економски развој, отворање на работни места и задржување на младите во градот“, порача градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Акцелераторот соработува со научно – образовни установи и експерти од повеќе области, а целта е да се обезбеди сеопфатна поддршка на младите претриемачи и да се помогне развојот на старт ап компаниите. Двајца млади претриемачи, Лорета Славева, основач на старт ап компанијата „Week.end“ од Велес и Филип Андоновски од старт ап компанијата „Агросолар“ од Штип, пред присутните ги презентираа бизнис плановите на сопствените компании.

„Многу млади не се ни свесни за постоењето на акцелераторите и затоа сметаат дека немаат доволно средства или поддршка за остварување на своите идеи. Затоа би сакала да кажам дека во еден од најтешките моменти кога помислував да кренам раце и да се откажам од мојата идеја, за која толку многу време се борев, решив да се информирам за други можности за помош, така дојдов до сознание за „Х фактор акцелераторот“. Покрај финансиската поддршка што доаѓа од страна на акцелераторите, воодушевена бев од сознанието дека “Х фактор“ нуди континуирана менторска поддршка, од страна на менторската мрежа составена од експерти од различни области. Експертите се овде да ни помогнат да ја достигнеме нашата цел. Од мојата досегашна комуникација со тимот на “Х фактор акцелератор“ кои првенствено воодушевуваат со својата експертиза, па потоа и со нивната човечност, тие направија да се чувствувам како дел од лидерски тим, тим кој навистина се грижи за доброто на мојата компанија и тим кој навистина се грижи за моја инклузија во претприемништвото“, истакна Лорета Славева од старт ап компанијата „Week.end“.

„Доколку се работи на иновативни решенија, во државата има и работа и можности за реализација и развој, а со тоа има и работа за младите луѓе. Секој може да успее доколку работи на своите вештини и добро го истражи пазарот, се со цел да се дојде до некоја иновација или идеја што може да се развие. Целта на секој млад претприемач треба да биде промоција на наш производ, услуга и идеја“, изјави Филип Андоновски корисник на акцелераторот, од старт ап компанијата „Агросолар“.

Во проектните активности на акцелараторот планирани се два инвестициски циклуси за почетни инвестиции. Се очекува 20–30 избрани стартапи да влезат во акцелераторската програма. Од нив 5–10 да бидат финансирани во првата фаза, а најмалку 2-3 во фазата на понатамошни инвестиции.

Спонзорирано: