СЈО ќе ги активира бомбите за случајот Монструм, пренесува ТВ21. Јавноста за прв пат ќе може да ги слушне на судското рочиште разговорите кои можат да помогнат да се дознае вистината и дали обвинетите се виновни за убиството. Судијата на предметот Огнен Ставрев рече дека со судски налог, во МВР се дадени на вештачење 32 мобилни телефони кои се најдени во депото на МВР. Тогаш, судијата рече дека МВР немало опрема за вршење експертиза како што е тоа направено сега. Исто така и специјалната обвинителка Фатиме Фетаи истакна дека до судовите, како обвинителство ќе ги достават сите таканаречени бомби кои им се дадени од СДСМ. Адвокатот на одбраната, Насер Рауфи рече дека со слушањето на бомбите ќе се докае и аргументира невиноста на обвинетите.
Роднините на жртвите бараат што поскоро да заврши овој случај и да се открие вистината. Денешното рочиште беше посветено за сослушување на сведоците. Сведокот Драган Ивановски кој не е најден од полицијата, дојде самиот и се пријави во судот да сведочи. Тој рече дека слушнал од неговите блиски дека го бара полицијата за случајот Монструм да сведочи. Тој рече дека има веќе 1 и пол година откако ја сменил адресата на живеење. Неговото денешно сведочење беше дека тој со обвинетиот Фејзи Азири се познавал само два часа на некоја манифестација во општина Илинден каде што работел и тој.
Следното рочиште за Монструм на кое се очекува да се слушаат бомбите ќе се одржи на 22 август.
Инаку, петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смилковско езеро каде беа пронајдени телата на убиените: Кире Тричковски, Филип Славовски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. На првото судење, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Афри Исмајловиќ, Агим Исмајловиќ, Езим Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Но откако случајот го презеде СЈО, обвинетите се пуштени да се бранат од слобода.