Државата е во опасност кога со нејзиниот буџет директно управува аболиран криминалец како Зоран Заев, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„На македонската економија црно ѝ се пишува сега кога Заев се самопрогласи за министер за финансии. Човек што еднаш е аболиран за економски криминал, а вториот пат амнестиран од заробеното судство, исто така за економски криминал, не смее да му се дозволи да управува со државната каса. Кланот Заеви, познат по матните зделки, сега е еден чекор поблиску до парите на граѓаните, еден чекор поблиску до државниот буџет“, смета опозицијата.
Од партијата додаваат дека власта манипулира со најавите дека парите ќе се вратат кај граѓаните преку повратот на ДДВ.
„Со повратот на ДДВ не ќе може да се плати ниту сметка за струја, а не, пак, 500 евра како што ветуваше Заев.
Благодарение на повратот на ДДВ, според потрошувачката кошничка, едно просечно четиричлено семејство ќе добие само 156 денари месечно или 1.872 денара во годината. Што значи дека на едно семејство ќе му бидат потребни 16 години за да ги добие назад 30-те илјади денари што ги ветуваше Заев. Очигледно е дека од оваа мерка единствено корист ќе имаат најбогатите“, нагласуваат од опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека на македонските граѓани им се потребни вистински проекти и мерки, кои ќе го подобрат животниот стандард, а на повеќе од 500 илјади граѓани што живеат со еден оброк на ден им е доста од, како што велат, погубните политики на власта.