23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Европскиот шампион Бесир Алили на средба со Шилегов

Градоначалникот Петре Шилегов и заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи, денеска, во просториите на Град Скопје, го пречекаа европскиот шампион во борење за кадети, Бесир Алили. На средбата присуствуваа и други борачи од нашата земја, кои се натпреваруваа на шампионатот, а освоија две петти и две седми места, како и претставници од Федерацијата на борачки спортови.

„Успехот на Бесир ни ги наполни срцата. Тој е корисник и на стипендија од Град Скопје за 2019 година како талентиран средношколец спортист. Посакувам нормите да се исполнат и да отидеме на олимпијада. Советот на Град Скопје на 5 јули ќе одржи седница, а јас ќе излезам со предлог да доделиме парична награда и за клубот и за шампионот“, рече на средбата градоначалникот Шилегов.

Тој му порача на младиот борач да продолжи напорно да тренира зашто има и талент и голема поддршка.

„Животот на врвните спортисти е тежок, но знам дека ако си упорен, навистина ќе ни донесеш олимписко злато“, нагласи Шилегов.

Кон честитките за неверојатниот успех на младиот Алили се придружи и заменик-градоначалникот на Скопје, Малиќи, кој рече дека му претставува големо задоволство што граѓаните на Скопје му приредија убав пречек на шампионот на плоштадот Скендербег.

„Град Скопје секогаш ќе ги поддржува спортистите и сите големи спортски успеси затоа што нема подобар начин за промоција и афирмација на нашиот град“, додаде Малиќи.

Младиот Бесир Алили го освои златниот медал на Европското првенство во борење за кадети, кое се одржа во Фиренца, Италија. Ова е голем успех за Алили, кој се натпреваруваше во категоријата слободен стил до 48 килограми и претставува прв златен медал за македонски репрезентативец на европско кадетско првенство. Град Скопје во 2018 година го прогласи Бесир Алили за најдобар спортист на град Скопје во категоријата најталентиран млад спортист – кадет.