27.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Костадинов: Попис немаше со години поради политичките калкулации на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, изјави дека знаат колку е важно да се спроведе пописот во државата, кој, како што рече, со години не се спроведувал поради политички калкулации од страна на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а сега опозициска партија.

„Јас очекувам дека сите политички субјекти ќе ја разберат суштината и потребата од пописот на населението. Очекувам и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат и да се откажат од намерите за бојкот, си има начин како во рамките на Собранието, во рамки на преговарачки групи и во рамки на партиите каде може да се дискутира тоа, а на крај да се донесе одлука што ќе биде во интерес на граѓаните“, истакна Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ вчера се закани дека ќе го бојкотира пописот, доколку останат во предлог-законот предвидените решенија за попишување на оние што се отсутни од земјата повеќе од 1 година.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше за овој предлог-закон и начинот на кој треба да биде донесен. Според партијата, законот е изготвен без консултации и со ставањето на европското знаменце власта се обидува во брза собраниска процедура да протне законски текст без јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните.

„Доколку власта се одлучи да продолжи на таков начин на носење законско решение за спроведување попис што остава можност за сомневање во пописните резултати, остава можност ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од граѓаните да не учествуваат во попишувањето организирано на начин спротивен на демократските процеси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.