Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Скопје има нов парк – „Ибни Пајко” во центарот на градот

Од денеска Скопје е побогат за уште еден прекрасен градски парк, на левата страна на Вардар во срцето на некогашното Пајко Маало, веднаш зад Националната филхармонија. Новиот „Ибни Пајко“ со својата површина од околу 11.000 квадратни метри го замени оној неуреден, нелегален паркинг во кал и во прашина, каков што беше до пред само една година. Во овој парк лоциран во центарот на градот граѓаните ќе имаат нов функционален простор за одмор и рекреација, богат со зеленило.

По повод вечерното отворање на паркот во 19 часот за сите граѓани, градоначалникот Шилегов денеска одржа конференција за медиумите.

„Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании“, соопшти Шилегов.

При уредувањето на овој запуштен простор се зачувани затекнатите 12 дрвја кои постоеја на оваа локација, искористувајќи ги за социјални содржини. А новите 85 садници се засадени во дрвореди кои се протегаат низ неколку насоки во паркот, кои наскоро треба да обезбедат сенка на поплочените површини во паркот.

Покрај подигнатото зеленило, во паркот се изградени и пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а поставена е и функционална урбана опрема, што дополнително го облагородува овој простор. Клупите и кантите за отпадоци се поставени според очекуваните сенки од крошните на дрвјата и нивната претпоставена употреба во иднина.

Пристапите кон паркот се обезбедени со рампи за велосипеди/колички на сите негови влезови, а паркинзите за велосипеди и сервисната станица се поставени на осветлено место под видеонадзор за подобра заштита. На патеката по должината на булеварот Гоце Делчев е засадена жива ограда за да го штити паркот од прашината и од бучавата на возилата, а во паркот засадени се вкупно 7500 м2 трева со прскалки и системи за наводнување кои работат на принципот „капка по капка“.

Паркот ќе продолжи да се збогатува и со нови содржини. Оставен е простор за уредување на функционална летна сцена која ќе овозможи одржување на културни манифестации на отворено кои се покажа дека му недостигаат на градот.

Шилегов упати и апел, да го сакаме Скопје и да се погрижиме да ги зачуваме јавните градски зелени површини, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат повеќе зелени површини.

„Затоа да се погрижиме заедно да ги изградиме и зачуваме зелените површини за да можеме заедно да уживаме во придобивките од зеленилото и здравата животна средина. Ќе ја искористам и оваа оваа можност да ве поканам вечер, во 19 часот, сите заинтересирани да дојдете на свеченото отворање на паркот и ветувам дека нема да се покаете за одвоеното време“, рече Шилегов.

Градот Скопје во континуитет работи на одржување и заштита на постојното зеленило, ги обновува старите и сади нови дрвореди и продолжува да отвора нови паркови.