Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска на заедничка прес-конференција ги претставија последно објавените податоци за раст на БДП во првиот квартал од 4.1% и пад на невработеноста на 17.8%.
„Задоволство ми е да соопштам дека растот на бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1 %, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно – има разлика: Разликата од пред две години е 4.1%. Очекуваме разликата да се зголемува, зашто во вториот квартал стапката на раст на бруто-домашниот производ во 2017 година беше -1.8%. Со оваа изразита разлика паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО-ДПМНЕ дека нема напредок во економијата. Податоците ги демантираат сите нивни лажни и драматични информации“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека оваа бројка е силен показател за исправноста на сите економски политики и програми кои се во насока на креирање на силна економија која отвора шанса за сите наши граѓани.
„Денес Државниот завод за статистика соопшти дека невработеноста во првиот квартал е 17,8 %. Ако се земе во споредба со вториот квартал од 2017 година, кога невработеноста беше 22,6, кога Владата започна со работа, тоа значи намалување на невработеноста од 4,8 % во изминатите две години. Да бидам попрецизен тоа се 49.522 нови вработувања. Само во еден квартал имаме пад од 1,6% или 17.600 нови работни места“, посочи премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека економските политики се креираат врз база на реални податоци и бројки, како и во согласност со долгорочните стратегии, на што Владата е целосно посветена. Тој дополни дека во изминатите две години, од виртуелна економија, во која непродуктивните проекти на Владата имаа централно место, со напорна работа денес економијата е поставена на добри основи, каде што реалниот сектор и стопанството имаат централна улога.
„Имаме обврска да обезбедиме долготраен развој на државата, а тоа го правиме со креирање на систем и стратегија кои обезбедуваат одржливост на долг рок. Растот од 4,1% во првиот квартал на 2019 година е нешто коешто го очекувавме, бидејќи ги планираме процесите и работиме на нивна имплементација. Сите клучни гранки кои значително учествуваат во Бруто домашниот производ бележат раст: градежништвото над 7%, земјоделството над 13%, преработувачката индустрија над 3,5%, а бруто инвестициите во првиот квартал бележат раст од 9,9%. Тоа значи дека и домашните и странските компании реализираа нови инвестиции“, потенцираше Анѓушев.
Вицепремиерот додаде дека со логичен след на настаните, стапката на невработеност го следи економскиот раст. Од стапка на невработеност од 22,6 во вториот квартал на 2017 година, денес стапката на невработеност изнесува 17,8%, што значи дека невработеноста е намалена за 4,8 процентни поени
„Во изминатите две години отворени се нови 49522 работни места, а забележлива е забрзана динамика во однос на намалување на невработеноста. Само во една година помеѓу првите квартали на 2018 и 2019 година, вработени се над 39 илјади лица, додека само во првиот квартал на 2019 година вработени се над 17600 граѓани. Очекуваме позитивен тренд во економијата и понатаму, затоа што Владата одлично знае кои политики и мерки треба да се спроведуваат за поддршка на домашните и странските инвестиции. Само во минатата година се поддржани околу 250 компании, додека оваа година во буџетот се планирани за 47% повеќе средства за поддршка на економијата“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.