16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стоилковски: Заев ја префрла вината кај меѓународните партнери и треба да си поднесе оставка

Премиерот Зоран Заев својата неспособност се обидува да ја покрие со префрлање на вината кај меѓународните партнери, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека заканите, притисоците и уцените се единствената карактеристика на политиката на Зоран Заев.

„Лагите на Заев веќе не минуваат ниту во Македонија ниту надвор од неа. Време е Заев да си замине и да ја плати цената за сите манипулации и за урнисувањето на Република Македонија. Неспособниот Заев треба да си замине и на негово место да дојде техничка влада, која ќе ги организира предвремените парламентарни избори“, порача Стоилковски.

Тој додаде дека Заев ја срами државата ризикувајќи да ги влоши односите со меѓународните партнери.

„Не може нашите пријатели од ЕУ да се виновни за криминалот и корупцијата на најнеспособната Влада досега на Република Македонија. Аболираниот Зоран Заев е најодговорен затоа што Република Македонија има неуспешна економија, тоне во корупција и заостанува во сите реформи. Зоран Заев е најодговорниот затоа што имаме селективна правда и политички нарачани процеси. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија и граѓаните не смеат да бидат казнети заради неспособноста на Зоран Заев со недоделување датум за преговори. Република Македонија доби 10 позитивни препораки и заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ“, додаде Стоилковски.

Според него, Заев ќе загуби на следните избори, без разлика кога тие ќе се одржат. Стоилковски смета дека единствено што може Зоран Заев да го направи за граѓаните е да си поднесе неотповиклива оставка и да ги спаси од агонијата во која ги втурна овие две години.