16.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Анѓушев, Царовска, Адеми: Работиме на воведувањето на дуалното образование

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска учествуваа на трибината „Дуално образование – следни чекори“ во организација на Европската бизнис-асоцијација и Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања пред претставниците на бизнис и академската заедница истакна дека Владата презема чекори за имплементација на дуалниот систем за образование во средните стручни училишта во насока на креирање квалитетен, едуциран и добро обучен млад кадар, со кој би се намалил јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот. Тој додаде дека во овој момент во неколку средни училишта во Северна Македонија веќе се спроведува експериментално дуално образование во кое се опфатени околу 200 ученици.

„Дуалното образование во нашата земја ќе биде креирано за потребите на компаниите од одделни градови и средните стручни училишта ќе ги моделираат програмите во согласност со потребите на компаниите од соодветните градови. Оваа училишна година ги засилуваме капацитетите на средните стручни училишта, а веќе од наредната училишна година, од септември 2020, очекуваме да се имплементира дуалното образование во повеќе од средните технички училишта“, нагласи Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека Владата со бизнис-секторот прави широки консултации за недостигот на кадар и можноста за преквалификација и доквалификација според побарувањата на компаниите.

„Младите се иднината на оваа држава. Токму затоа обврска на секој од нас е да вложуваме во нив, во нивно образование и услови за напредок. Наша задача е да ги насочиме, да им ги отвориме вратите и да им покажеме дека е можно да се успее. Дуалното образование е еден начин да го направиме токму тоа. Да создадеме млади лица што знаат што сакаат да работат и како да го прават тоа. На овој начин им овозможуваме сигурен влез на пазарот на трудот и шанса за професинален развој, а на работодавците им нудиме подготвен кадар, кој може веднаш да почне да работи“, рече Царовска.

Министерот за образование и наука, Адеми, рече дека дуалното образование почна со една компанијата – „ЕВН Македонија“, која пред две години почна соработка со електротехничкото училиште „Михајло Пупин“ во Скопје.
Минатата година, односно оваа учебна година, се вклучија уште две компании – „Дрексел Мајер“ од Кавадарци и „Костал“ од Охрид, како и две училишта – „Киро Спанџов – Брко“ од Кавадарци и „Св. Наум Охридски“ во Охрид.

„Накусо, почнавме со 2 паралелки и вкупно 33 ученици, а од септември ќе имаме 15 паралелки и 287 ученици. Тоа е добар напредок и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во периодот што следува. А во меѓувреме, ќе ги детектираме и ќе работиме на отстранување на сите предизвици. Во тој контекст, денес сум тука да ве слушнам и да ги забележам вашето мислење, сугестиите и предлозите во интерес на унапредување на концептот на дуалното образование“, рече Адеми.

Спонзорирано: