11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Го подобруваме пристапот до правни услуги за ранливите групи граѓани

Усвојувањето на Законот за бесплатна правна помош од страна на Владата и развојот на правните услуги на локално ниво значително го подобрија пристапот до правдата на најранливите граѓани. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваат на шестиот Глобален самит за отворено владино партнерство во Отава, Канада.

„Како Влада што се грижи за сите граѓани продолжуваме посветено да работиме на зголемување на пристапот до квалитетни правни услуги за сиромашните. Веќе отворивме центар за правни услуги во Шуто Оризари, а во тек е отворање на вакви центри и во Тетово, Делчево и Прилеп. Ромските информативни центри веќе функционираат во 14 општини, а вработените ќе поминат обуки за правно зајакнување. Сето ова се прави со поддршка од Фондацијата ‘Отворено општество’ и во соработка со граѓанските организации и општините. Со новото законско решение коешто е веќе на сила овие лица добиваат правна помош, а трошоците за судски и административни такси, стручната награда, повеќе нема да се на товар на граѓаните, туку ќе се плаќаат од државниот буџет“, рече министерката Царовска.

Таа истакна дека значителен придонес во спроведувањето на отвореното владино партнерство ќе имаат и веќе донесените закони за спречување и заштита од дискриминација и социјалната реформа.

Во воведните обраќања на отворањето на Самитот, Северна Македонија беше посочена како позитивен пример во реформите во пристапот до правда и до правно зајакнување.

„Десет проценти од акциските планови за Отворено владино партнерство сега го поврзуваат пристапот до правда со отворена влада. Во Северна Македонија, Владата поддржува четири независни центри за пристап до правда кои се фокусираат на маргинализираните групи и обезбедуваат обуки за правно зајакнување за владините службеници. Состојбата со пристапот до правни совети се подобри во Јужна Африка и во Молдавија“, истакна во своето воведно обраќање Патрик Гаспард, директор на Фондацијата „Отворено општество“.

Потврдата за напредокот во пристапот до правда на Самитот стигна и од Канцеларијата за отворено владино партнерство. На глобалниот самит следните два дена се очекува присуствуво на високи владини претставници и граѓански организации од целиот свет, а министрите Царовска и Манчевски ќе учествуваат во одделни панел-дискусии.

Спонзорирано: