24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев и министерот Адеми од ОУ „Вера Јоциќ“: Модернизацијата и осовременувањето на образовниот систем е цврста определба и врвен приоритет во нашето работење

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска го пуштија во употреба новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, во населбата Хиподром.

Истакнувајќи дека објектот е едно од 4-те основни училишта коишто се изградени во последниот период, Премиерот Заев посочи дека в тек изградбата на уште два нови објекти за основни училишта. Паралелно, како што рече Премиерот Заев, се реконструираат 8 стари основни училишта.

„Тоа значи дека некаде преку 4500-тини дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи. Драго ми е што сите овие капитални инвестиции во образованието ги овозможуваме и ги подобруваме условите во основното образование“, подвлече Премиерот Заев.

Со процесот на изградба на нови и реконструкција на постојните училишта, како што додаде Премиерот Заев, Владата на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, со континуиран раст на платите, истовремено ги мотивираат и наставниците уште попосветено да си ја извршуваат својата работа и да внесуваат новини во образовниот процес.

„Со министерот и со стручната јавност, помогнати од меѓународните организации веќе ја отворивме и дебатата за сериозни реформи во основното образование, како и во средното образование. Дебатата е отворена. Веќе и јас имам одредени сугестии, министерот работи со работни групи. Рековме дека не го брзаме процесот заради тоа што навистина сакаме суштинските реформи да бидат прикладни и за времето во коешто живееме, но и за потребите на завршените ученици со нивното образование, за полесно наоѓање на работа“, заклучи Премиерот Заев во изјавата дадена за присутните медиуми.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми пред претставниците на медиумите истакна дека модернизацијата на образованието е цврста определба и врвен приоритет утврден во програма за работа на Владата на Република Северна Македонија.

„Имајќи предвид дека интервенција преку санација на постоечките бараки немавме можност да направиме, денеска го пуштаме објектот во употреба. Опфаќа површина од 2125 квадратни метри, со капацитет од 600 ученици, односно по 300 во една смена. Училиштето има приземје, има спрат, подрумски простории, 12 училници, 6 кабинети, простор за наставниците, за библиотека и ги задоволува сите услови и стандарди за реализација на воспитниот образовен процес како што треба, на квалитетен начин. Инвестирањето е околу 60 милиони денари. Конкретно 55 милиони денари објектот и 3,4 милиони денари чини мебелот“, потенцираше министерот Адеми.

Новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, како што посочи градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски се отвора на 75-годишнината на патронот на училиштето.

„Комплетниот проект го реализиравме заедно со министерството за образование и наука и нашата соработка продолжува и понатаму, со цел да ја изградиме и спортската сала во истото училиште“, додаде градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.