Вчера /29.05.2019 година, среда/ во хотел „Александар палас“ се одржа манифестацијата „Иновативно претпријатие на годината 2019“, која има за цел да ги промовира и награди македонските претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење, да промовира успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии во сите индустриски сектори.
На оваа манифестација беа прогласени најиновативните старт–ап мала и средна компанија, кои беа наградени со по 200.000 денари, средства обезбедени со поддршка на Град Скопје.
Наградите ги додели Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, коj им се обрати на присутните.
– Град Скопје, како покровител на овој настан, се стреми да ги мотивира претпријатијата да се борат да бидат препознатливи како на домашниот, така и на странскиот пазар, преку учество на интернационални саеми и конференции, брендирање и промоција на иновацијата, заштита на интелектуалната сопственост, инвестирање во нова технологија итн. Наша обврска е да ги промовираме успешните бизнис модели и достигнувања од македонските компании во сите индустриски сектори. Се надевам дека „Иновативно претпријатие на годината“ ќе прерасне во традиционална манифестација која ќе ги промовира македонските успешни приказни уште многу години – кажа Тодоров.
Националниот натпревар „Иновативно претпријатие на годината 2019“ се спроведува во рамки на проектот „Јакнење на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“, финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведуваат Фондација „Претприемачки Сервис за Млади“, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и АРК Фонд.