Со новиот закон за социјална заштита се воведуваат низа мерки што го унапредуваат квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните смејства, изјави Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ.
„Првпат воведуваме надоместок за лица со тешка и длабока интелектуална попреченост во износ од 7.204 денари месечно. Воведуваме две услуги во домот на лицата со попреченост, а тоа се: помош и нега и лична асистенција. Покрај тоа, овие услуги може да се добиваат истовремено, со надоместок за помош и нега од трето лице или со додатокот за попреченост“, појасни таа.
Шахпаска рече дека е обезбеден паричен надоместок на плата за оние родители што го користат правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на детето со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи. Висината на овој надоместок изнесува 50 отсто од просечната нето-плата на родителот во претходната година, но најмногу до 50 отсто од просечната плата во претходната година во Република Северна Македонија. Притоа овие семејства истовремено може да добиваат услуги во домот, како нега и помош или лична асистенција.
Родителот што се грижел за дете со попреченост и не остварил право на пензија по друг основ, а притоа има навршени 62 години за жена, односно 64 години за маж, може да стекне траен надоместок во висина од 8.000 денари.
Дополнително, рече Шахпаска, социјалните услуги ќе станат поблиски до граѓаните, односно ќе се децентрализираат на ниво на локалните самоуправи со лиценцирани даватели на услуги.