8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ознаката „Одговорен кредитор“ гаранција за корисниците на онлајн кредити

Сите кои имаат намера да аплицираат за добивање средства од финансиски друштва, доколку во понудата на веб-страната на некое друштво ја видат ознаката „Одговорен кредитор“ ќе знаат дека истото е членка на Асоцијацијата на финансиски друштва и дека работи согласно принципите утврдени со Кодексот за добра пракса

Земањето онлајн кредит од финансиските друштва кои одобруваат заеми во помали износи и во брзи постапки, задоволувајќи ги на тој начин потребите на граѓаните за средства за покривање итни потреби, со формирањето на Асоцијацијата на финансиски друштва станува уште посигурно. Работењето на финансиските друштва кај нас е законски регулирано и е под директна контрола на Министерството за финансии. Но сепак, со оглед на постојаниот раст на бројот на финансиски друштва, што секако е одраз на потребите на граѓаните, се наметна потребата да се обезбедат унифицирани стандарди за квалитет на индустријата, што е и основна цел на новата Асоцијација. Нејзините членки потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите.

Токму затоа, сите оние кои имаат намера да аплицираат за добивање средства од финансиските друштва, доколку во понудата на некое друштво на веб-страната ја видат ознаката „Одговорен кредитор“ ќе знаат дека истото е членка на Асоцијацијата и дека работи согласно со принципите утврдени со Кодексот за добра пракса.

Кодексот, кој ќе биде објавен на веб-страниците на членките на Асоцијацијата, утврдува етички и одговорни деловни практики кон кои во иднина ќе се придржуваат сите членки. Тој има за цел да обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата. Кодексот се занимава и со прашања како што се проценка на солвентност на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот.

Па така, меѓу другото, со него се утврдува дека членките ќе гарантираат дека на секој клиент ќе му се обезбедат потребните информации за природата на кредитот, вклучувајќи го фактот дека заемите не се препорачливи за решавање на претходно постоечки финансиски тешкотии. Исто така, за да се обезбеди адекватност на одобрениот кредит со финансиските услови на купувачот и спречување на клиентот да преземе непотребни финансиски обврски, секоја членка на Асоцијацијата во времето на издавање на кредитот ќе мора да се погрижи за оцена на солвентноста на клиентот во согласност со законодавството и употребата на моделите за личен кредитен ризик.

Корисниците на кредити од членките на Асоцијацијата, исто така стануваат сигурни дека деловните практики утврдени со Кодексот ќе се почитуваат, бидејќи во спротвно, доколку имаат забелешки и поплаки на работењето на финансиското друштво од кое земале кредит, сега постои место каде можат да ги достават, а тоа е Асоцијацијата.

„Основна задача на Асоцијацијата е да промовира сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање. Во исто време, таа ќе работи и на промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија, кои ќе бидат од корист на поединците и општеството во целина. Таа ќе им даде и можност на финансиските друштва да работат заедно на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и за креирање стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот“, вели Филип Димитровски, раководител на Асоцијацијата на финансиски друштва. Според него, меѓусебната соработка на финансиските друштва ќе обезбеди и поголема доверба и на корисниците, но и на надлежните институции и секако и на целокупната јавност во индустријата која е нова кај нас, поради што донекаде постои недоверба во нивното работење. На овој начин ќе се постигне поголема транспарентност на финансиската индустрија, а ќе се подигне и свеста за потребата и користа од работењето на небанкарските финансиски институции кои, како и што беше утврдено со законодавната рамка, се дополна на традиционалниот финансиски пазар.

Онлајн кредитите, инаку, насекаде низ светот веќе се широко распространети бидејќи нудат услуги на начин и во постапка многу поразлична од онаа на традиционалните банкарски финансиски институции. Со брзината на одобрување на средствата, едноставната процедура и достапноста, тие се изборија за голем дел од пазарот. Онлајн кредитите се однесуваат на помали суми средства и претставуваат инстант финансиски приход за итна, многу често, непланирана потреба, како здравствени трошоци, некаква материјално – финансиска штета, образовни потреби и слично. Токму затоа активностите кои ги вршат финансиските друштва се вистинско дополнување на кредитната активност на банките, а нивната работа е „позитивна конкуренција“ која придонесува за менување на конзервативниот пристап на банките во однос на кредитирањето и граѓаните, што придонесе за заживување на целокупната кредитна активност во земјава.