Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Основачoт на Хјуавеи: САД ја потценуваат кинеската компанија

Основачот и извршен директор на телекомуникацискиот гигант Хјуавеи, Рен Женгфеј изјави дека САД ,,ја потценуваат” неговата компанија.

,,Американските политичари, според досегашните постапки, покажуваат дека ја потценуваат нашата сила”, рече Рен во интервју за телевизијата ЦЦТВ и за други кинески медиуми.

Тој посочи дека компанијата има алтернатива за сопствената набавка на чипови и дека во таа смисла не може да биде ,,изолирана” од останатиот дел на светот.

Рен додаде дека 5G програмата на компанијата ќе остане ,,непроменета” и покрај американските мерки. Што се однесува до технологијата на 5G, рече тој, другите компании ќе го стигнат Хјуаваи за две или три години.

Хјуавеи се наоѓа на листата на компании со кои американските компании ќе можат да тргуваат само ако добијат дозвола од властите.Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела им забрани на американските телекомуникациски компании да работат со странски компании кои би можеле да претставуваат закана за националната безбедност во САД.Мерката се однесува и на Хјуавеи, вториот производител на смартфони во светот, кој е осомничен за шпионирање во корист на Кина.