Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, вечерва беше гостин на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, по повод светиот месец Рамазан.
По завршување на вечерата, премиерот Зоран Заев се обрати пред присутните, а на организаторите им се заблагодари за поканата и за укажаната чест.
Покрај премиерот Заев, свое обраќање имаше и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и претседателот на стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа, кој им заблагодари за присуството на сите гости. На оваа ифтарска вечер присутни беа и вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министрите Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски и Едмонд Адеми.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:
„На почетокот дозволете ми да ја изразам мојата голема благодарност за поканата и за честа што ми е укажана да бидам заедно со вас, на ифтар, за време на Светиот месец Рамазан.
Ова е убава прилика вам, и на сите припадници на исламската вероисповед во нашата земја да им посакам честитки и радост во извршувањето на вашите должности, и во духовен мир, среќа и здравје да го дочекате Бајрам.
Најважниот и најсветиот месец во духовниот живот на припадниците на Исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите.
Рамазан е и празник кој не учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други.
Овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја.