15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Метлата на Заев е уште една проѕирна лага

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба, каде што оствари средба со граѓани, членови и симпатизери на партијата. Мицкоски пред присутните истакна дека на власт се измамници што ги искористија и упропастија сите дадени шанси и можности и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да застане затоа што има задача да ја крене државата од пустошот што СДСМ го прави секојдневно.

„Нема застанување, нема калкулации, имаме задача да ја кренеме земјата од пепелот во кој ја оставаат и пустошот што го прави оваа власт со секој поминат ден. Реалноста значи дека имаме работа со луѓе што се измамници, луѓе што ги искористија и прокоцкаа сите шанси и сите дадени можности“, потенцира Мицкоски.

Тој посочи дека Заев филмски и кинематографски ја најавуваше метлата што требаше да заигра уште првиот ден по вториот круг, но тој првиот ден, прво, се одмори, а третиот ден по вториот круг, го грабна моторот и заедно со другарите си отиде на неколкудневна прошетка низ Балканот да си се одмори, па кога се врати, изјави дека метлата ќе заиграла во јуни или за неколку месеци.

„Се знае дека нема подобро со оваа власт и дека метлата во која се колнеше премиерот Заев е само уште една проѕирна лага. Кога во првиот круг ги виде резултатите од изборите, на кои претходно велеше дека блескаме, вети дека ќе прави метла. Завршија изборите, наместо метла, отиде на одмор. А таквата метла ќе ја правел по еден месец. Но, не е до метлата, туку до тој што треба да измете. Тој човек треба да си замине“, потенцира Мицкоски.

Тој додаде дека власта секојдневно ја уништува државата и со својата непринципиелност создава зад себе чемер и јад и неморал, кој ги урива вредностите, но за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ е поинаква и негова обврска заедно со народот да се избори за подобра иднина на Република Македонија и за решавање на проблемите на граѓаните.

„Ние сме тие што заедно со народот ја имаме обврската да се избориме за иднината на земјата, да обезбедиме напредок и решавање на проблемите. И ние тоа ќе го направиме. Заедно и силно, за нашата Македонија“, нагласи Мицкоски.

Спонзорирано: