Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше и се обрати на Меѓународна научно – стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.
Пред министрите за труд и социјална политика, за образование и наука и за здравство, Мила Царовска, Арбер Адеми и Венко Филипче, но и пред истакнати експерти, доктори од областа, Премиерот Заев го искажа своето задоволство што ја има честа да биде покровител на оваа меѓународна научно – стручна конференција.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост текстот на неговото обраќање:
„Можам и би сакал да повикам на зголемување на свесноста на целокупното општество за овие луѓе.
Тие се исти како и сите нас, само им е неопходна поголема поддршка за да можат и тие да се школуваат, да добиваат соодветен третман од институциите, а потоа и да се вработат.
Верувам дека сите знаете дека во библиотеката на Владата работи Нина, којашто е девојка со Даунов синдром. Но тоа воопшто не е пречка таа да ја извршува својата работа одговорно, професионално и посветено.
Знам дека Владата не е исклучок. Знам дека и во други државни, но и во приватни институции, па и кафулиња работат лица со некаков вид на попреченост. Но за жал ваквите примери се малку.
Малубројни се и примерите за вклученост на децата со попреченост во образовниот процес.
И во овие сфери едноставно мора да сториме повеќе. Но, се почнува и зависи од нашата свест.
Министерката Царовска спомена дека со новиот Закон за социјална заштита за лицата со попреченост, меѓу другото, се обезбедува лична асистенција. Тоа во голема мера им помага и им го олеснува функционирањето на овие луѓе. Но ако при една прошетка со личен асистент овие лица ги погледнуваме како да не се луѓе, тогаш тие пак ќе се чувствуваат непријатно, без разлика што полесно се движат.
Ист е случајот и со неприфаќање на дечињата со попреченост од нивните врсници во училиште. И овде потфрлуваме ние возрасните бидејќи не ги учиме нашите деца да ги прифаќаат различностите.
Исто така, не случајно националната стратегија за деинституционализација го носи името „Тимјаник“. Се сеќавате каква беше реакцијата на жителите кога се обидовме во мали групни домови да сместиме деца со попреченост. Истите тие луѓе, кога одблизу ги запознаа дечињата, веднаш го сменија својот став.
Почитувани,
Ова мало општество, како што е нашето, навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите останати кои на овој или на оној начин се разликуваат од нас.
И тоа зависи од секој од нас. Пораките коишто секојдневно ги пренесуваме како едукатори, како доктори, експерти или како политичари допираат до сите. Затоа тие пораки треба да бидат пораки за заедништво, за прифаќање и почитување на различностите“.