23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

УЈП: Можни се прекини на електронскиот систем за даночните пријави, но нема штета за корисниците

Управата за јавни приходи соопшти дека се можни прекини на електронскиот систем за годишните даночни пријави.

„Со цел да се обезбеди непречено генерирање и доставување на претпополнети ГДП, можно е во текот на процесот да се појави потреба од привремена интервенција поради што кус временски период системот е-Персонален данок (е-пдд) за време на интеревенцијата е недостапен, како што беше случај денес 24.04.2019 во периодот од 9:30 часот до 10:30 часот, по што системот повторно е во функција. Напоменуваме дека краткотрајниот прекин не нанесува штета на правото на корисниците, односно на граѓаните кои се регистрирани на системот е-пдд, бидејќи тие ќе можат да ги потврдат или коригираат претпополнетите ГДП заклучно со крајниот рок 31 мај“, велат од УЈП.

Управата ги отфрли информациите за евентуални парични казни доколку граѓаните не одговорат на претпополнетата ГДП и напомена дека се работи за шпекулации.

„Ја информираме јавноста дека со новиот начин на доставување на Годишната даночна пријава на граѓаните им е овозможено да учествуваат во постапката за утврдување на персоналниот данок, во соработка со Управата за јавни приходи. Граѓанинот, доставената Годишна даночна пријава треба да ја провери, од аспект на точност на прикажаните податоци во корелација со примените годишни приходи од земјата и странство. Доколку истите се соодветни, односно одговараат на реално остварените приходи, граѓанинот може да ја потврди Годишната даночна пријава, но може и да не постапи по истата. Доколку не ја потврди Годишната даночна пријава, истата службено ќе биде потврдена“, велат од УЈП.