Видеоиграта Assassins Creed: Unity би можела да биде вистинскиот спасител во реставрацијата на катедралата Нотр Дам, која во голем дел изгоре во пожар за кои причините и натаму не се целосно познати.
Иако оваа видеоигра со историска тематика, која е издадена во текот на 2014 година, а чие дејствие се одвива во стариот Париз, во времето на револуцијата, се смета за едно од послабите изданија во целиот серијал, она по што останува запаметена е преубавата графика и приказот на Париз во тоа време, пишува Mob&IT.
Токму ваквиот квалитет на изработка може да ги спаси Париз, Франција и целиот свет од загубата на Нотр Дам, бидејќи оваа зграда во играта е прикажана до неверојатни детали, односно Assassins Creed: Unity го има направено едно од најдобрите 3Д-мапирања на париската катедрала, кои се воопшто достапни.
Каролина Мијуз, артистка која работела на мапирањето на Нотр Дам за потребите на видеоиграта, за The Verge изјавила дека членовите на тимот буквално минале години опседнати со намерата да доловат што повеќе детали со цел веродостојно да ја пренесат познатата катедрала во светот на игрите, при што се задржале на такви финеси како на пример текстурите на секоја цигла да одговараат на нивните карактеристики во реалниот свет.
Сите овие детали може да бидат од огромна помош за луѓето кои ќе работат на обнова на зградата бидејќи ќе можат детално да согледаат како објектот изгледал и ќе може разработените скици да ги применат при реконструкцијата.
Сепак, дали Ubisoft, компанијата креатор на игрите Assassins Creed ќе ги отстапи 3Д-моделите и мапите на француските власти и натаму не е познато, а „Бизнис инсајдер“ пишува дека оваа француска компанија сè уште е недостапна за какви било коментари на оваа тема.
Во видеото подолу и самите може да го видете графичкиот приказ на Нотр Дам во играта и да се уверите во убавината на деталите и целиот напор кој Ubisoft го вложил во создавањето на 3Д-моделот на Богородичната црква во Париз.