Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Градоначалникот Шилегов назначен за претседател на НАЛАС

Градоначалникот Петре Шилегов денеска беше назначен за претседател на Мрежата на здруженија на локалните власти од Југоисточна Европа (НАЛАС), на Генералното собрание на оваа значајна организација што се одржа во Скопје. Четиринаесеттото генерално собрание на НАЛАС што денеска се одржува во Скопје и во Велес обедини повеќе од 70 градоначалници, експерти од областа на локалната самоуправа и претставници од здруженијата на локалните власти од 12 земји кои ќе дискутираат на повеќе теми од областа на локалната самоуправа под мотото „Градовите како двигатели на економскиот раст – Визија 2030“.

,,Во согласност со однапред утврдената методологија на ротирачко претседателство, ја имам честа како претседател на ЗЕЛС, од денеска да го преземам претседателствувањето со НАЛАС. Во наредниот период очекувам дека голем број процеси што се важни за националните асоцијации членки на НАЛАС да ги придвижиме напред, особено процесите на децентрализација и фискална децентрализација. Очекувам дека ќе направиме обединување на асоцијациите на локална самоуправа во Албанија и дека по мајските избори во Грција ќе обезбедиме членство и на асоцијацијата на единици на локална самоуправа на Грција. Ни претстои динамичен период, работата во НАЛАС и во ЗЕЛС е за постигнување стандарди кои ќе ја олеснат работата на градоначалниците”, рече Шилегов.

На генералното собрание присутните ќе ја разгледаат работата на НАЛАС во 2018 година и работниот план за 2019 година, со акцент на напорите на мрежата за постигнување одржлив економски развој и справување со елементарни непогоди. Во текот на денот ќе се разгледува улогата на градовите и локалните власти во економскиот развој, како таа улога може да биде засилена за доброто на граѓаните од Југоисточна Европа и кои се најдобрите примери од кои градовите може да научат.

Настанот е организиран од НАЛАС и Светската банка – Програма за урбано партнерство на Австрија и претставува ретка можност избраните претставници да разговараат за децентрализацијата и да разменат позитивни искуства за да ги подобрат јавните услуги.

Средбата има за цел да придонесе локалните власти да се наметнат како партнери на Европската комисија и Советот за регионален развој во спроведување на регионалната агенда за економски развој кој е резултат на Берлинскиот процес.

НАЛАС ја сочинуваат 14 здруженија што претставуваат околу 9.000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. Организацијата го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион. НАЛАС има ротирачко претседателство. Градоначалникот Шилегов од денеска ќе претседава со оваа организација за регионална соработка во текот на наредната една година.

Во тренд…