Centar.mk
-ЛОКАЛНО

Од паркинг до урбана грижа – што сè прави ЈП „Паркинзи“за подобар Центар

Скопје, 23.11.2026- Паркирањето е само еден дел од приказната за урбаното живеење. Во општина како Центар, каде што секојдневно се вкрстуваат потребите на жителите, деловните субјекти и илјадниците посетители, управувањето со паркинг-просторот значи многу повеќе од обезбедување место за автомобил. Тоа подразбира организација на јавниот простор, поголема сообраќајна дисциплина, достапност, современи услуги и грижа за заедницата.

Токму во таа насока ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) со две децении искуство во организирањето и управувањето со паркирањето, постојано ја проширува својата улога и спроведува промени што имаат за цел да го направат Центар пофункционално и попријатно место за живеење.

Еден од најважните предизвици со кои се соочуваат жителите е недостигот на паркинг-места. Затоа, претпријатието воведе нов модел на распределба на паркинг-просторот, со повластени паркинг-карти по станбена единица, наместо досегашниот модел по жител. Со ова се настојува да се воспостави поправедно користење на резидентниот простор и да се спречи гаражните и паркинг-капацитетите да се користат за деловни активности или приватни магацини, додека местата наменети за жителите остануваат зафатени.

Особено значајно е што повеќе од две третини од паркиралиштата со кои управува ЈП ПОЦ остануваат резидентни и им се достапни на жителите без часовна наплата. Дополнително, за првото возило по станбена единица во секторот на живеење не се плаќа месечен надоместок.Ова е дел од определбата паркинг-просторот првенствено да ги задоволува потребите на луѓето што живеат во Центар.

Но, правилата имаат смисла само доколку се спроведуваат. Затоа пајак-службата секојдневно е присутна на терен, отстранувајќи ги возилата паркирани спротивно на прописите и оние што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот, а по соодветен налог на надлежните органи. Посебно внимание се посветува на местата наменети за лица со попреченост и на резидентните зони.

Паралелно со контролата и организацијата на паркирањето, ПОЦ инвестира во дигитални решенија што го поедноставуваат секојдневието на корисниците. Ќе се развиваат нови мобилни апликации за Android и iOS, имплементиран е систем за автоматско препознавање на регистарските таблички (ANPR), а старите информативни табли се заменети со нови, со современ дизајн и QR-кодови за брзо и едноставно плаќање.

Новото решение за наплата овозможува плаќање со платежна картичка преку мобилен телефон, без потреба од испраќање СМС-пораки или претходна регистрација во апликација. Тоа значи помалку административни чекори и побрза услуга за граѓаните.

Промените се видливи и на самите паркиралишта. Поставени се нови куќички, реконструирани се постојните, а во тек е проект за поставување електрични полначи и изработка на велопаркинзи. Со овие

 

активности претпријатието го проширува својот придонес кон развојот на алтернативната мобилност и создавање услови за поголема употреба на велосипеди и електрични возила.

Грижата за корисниците, пак, не завршува со дигиталните услуги. Отворена е и нова, современо уредена канцеларија за грижа за корисници, каде што граѓаните можат на едно место да ги завршат своите обврски и да добијат потребна поддршка. Целта е комуникацијата со претпријатието да биде поедноставна, поефикасна и подостапна.

На терен, екипите на ПОЦ ја одржуваат јавната хигиена преку чистење на јавните површини и акции за расчистување на натрупаниот отпад. Овие активности придонесуваат за почисто и поуредно опкружување во општина Центар.

Особено важен дел од пошироката општествена улога на ПОЦ е хуманитарната димензија. Во соработка со Општина Центар и Црвен крст – Општинска организација Центар, отворена е хуманитарната Зона H пред Градскиот стадион, во секторот „Парк“. Средствата од наплатата на посебно обележаната локација се наменети исклучиво за хуманитарни цели и помош на лица и семејства на кои им е потребна поддршка.

За реализација на развојната програма, ЈП ПОЦ предвиде околу 1,4 милиони евра за капитални вложувања, наменети за подобрување на урбаната и комуналната инфраструктура. Значителен дел од планираните активности веќе е во фаза на реализација, особено во областа на дигитализацијата и воведувањето паметни решенија.

Од поправедна распределба на паркинг-местата, преку модернизација на услугите и одржување на сообраќајниот ред, до хуманитарни иницијативи и поддршка на алтернативниот транспорт – активностите на ЈП „Паркинзи“ покажуваат дека управувањето со паркинг-просторот е тесно поврзано со квалитетот на урбаното живеење.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ: Мицкоски вели дека ќе ја спаси Алта банка, зошто да ја спасува ако сè е во ред?

ДЕСК

СДСМ: „Очи в очи“ – во Србија Вучиќ падна, но сè уште владее со Македонија

ДЕСК

ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за кампањата против насилство врз жените, собирањето политички поени во оваа битка треба да се заборави

ДЕСК