До скопскиот суд поднесено е обвинение против мајка, која се товари за кривично дело – запуштање и малтретирање дете.
Од обвинителството велат дека животот на 13-месечно дете бил доведен во опасност, поради родителска негрижа.
„Во временскиот период додека таткото на детето се наоѓал на издржување казна затвор, таа детето повремено го оставала само, без родителска грижа и без да внимава на неговата сигурност и потреби. Како резултат на тоа, кај детето биле констатирани тешки телесни повреди изразени како скршеница на коските на черепот, крварење на тврдата мозочна обвивка, нагмечување на мозокот, скршеници на коските на двете нозе и на двете раце“, велат од Обвинителството.
Додаваат дека мајката делото го сторила во состојба на битно намалена пресметливост, при која имала намалена способност да го разбере делото и намалена состојба да управува со своите постапки заради намалена моќ на расудување, сфаќање и одлучување, односно намалена способност за анализирање на своите постапки и за разбирање на суштината на своето дејствување.
Со оглед на тоа што постојат законски услови за изрекување мерка на безбедност во случај на битно намалена пресметливост, надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи, со изрекување на казната, на лицето да му изрече и мерка на безбедност – задолжително психијатриско лекување на слобода.